Орбан и неговите неуспешни „мировни мисии“ за Украина

Зеленски ги прочита „мировните мисии“ на Орбан како обид за себепромоција, но и забележа дека не смее да има дискусии за мир во Украина без да биде вклучена Украина во тие разговори, како што беше случајот со последниот телефонски разговор меѓу Орбан и Путин, пишува „Вистиномер“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и на почетокот и на крајот на шестмесечното претседателството на Унгарија со Европската Унија го следат перцепции за неуспешни „мировни мисии“, кои самиот ги презеде откако Русија изврши воена инвазија врз Украина. Завршувањето на шестмесечното претседавање на Унгарија со Советот на ЕУ го одбележа неговата контроверзна „божиќна мировна мисија“ која претседателот на Украина, Володимир Зеленски ја одби.

Без да ја информира Украина или Зеленски, Орбан имал едночасовен телефонски разговор со претседателот на Русија, Владимир Путин од кој произлегла новата „мисија за божиќно прекинување на огнот“ и голема размена на затвореници.

Тој уште еднаш ја повтори квалификацијата што постојано ја дава за војната во Украина – „дека моменталните битки што се водат во Украина се едни од најопасните во последните недели“. Но, Зеленски е крајно критичен кон напорите на Орбан за прекин на огнот. Како што напиша на социјалната мрежа Икс, за гарантирање на безбедноста, потребно е да се вклучат САД и Европа, како и сите партнери да ги одржат принципите на Повелбата на ОН. Зеленски ги прочита „мировните мисии“ на Орбан како обид за себепромоција, но и забележа дека не смее да има дискусии за мир во Украина без да биде вклучена Украина во тие разговори, како што беше случајот со последниот телефонски разговор меѓу Орбан и Путин.

Украина е силна земја и тоа го покажа на фронтот соочена со агресијата на Путин. Дали некој во Европа има такво искуство? Не. Дали Орбан има таква војска? Не. Како тој би го притиснал Путин? Со насмевка или шега?, остро коментираше Зеленски

Тој се најде во ситуација да треба да одбива договори кои се одвиваат меѓу Орбан и Путин, без посредство на големите актери и без Украина да каже ниеден збор, бидејќи не била ни прашана.

И покрај ваквата нефер поставеност, сепак Орбан го нарече „тажно“ тоа што Зеленски ги одбил овие предлози. Поддржувачите на Украина стравуваат дека брз мировен договор би му одел во полза на Путин и би бил склучен под негови услови. Тоа би била и нова опасност – дека руската војска во иднина кога ќе се опорави, би можела да ја продолжи воената инвазија „таму каде што застанале“.

„Мировничкиот идентитет“ Орбан го наметна на себе уште веднаш кога Унгарија го презеде претседателството со ЕУ, на средината на годинава. На вториот ден после преземањето на претседателството тој отпатува во Украина за првпат после 12 години, а на петтиот ден замина во Русија да се сретне со Путин, а оттаму за Кина. Десничарскиот политичар ги спроведе овие посети без официјален мандат од европскиот блок, што предизвика критики и негодување кај европските претставници.

Иако сите овие посети технички беа билатерални, Орбан се обиде да креира конфузија со прикажување на ЕУ знамето во Киев и користејќи го претседавачкото лого на Унгарија на промотивните материјали на неговото патување во Кина. Кинеските и руските медиуми невистинито известија дека „Орбан патувал како претставник на ЕУ“.

На ова се надоврзуваа и неговите изјави во кои ја критикуваше воената помош од Западот за Украина. Меѓу европските лидери тој е еден од оние што имаат најтопли релации со Путин. Претходните години тој често се одлучуваше за вето, за задршка на заедничките одлуки на ЕУ и НАТО за помош кон Украина, но промовираше и анти-ЕУ реторика и реторика којашто не ја квалификува Украина како држава што се брани од Русија.

Во речиси сите говори на унгарското јавно радио, Орбан го обвинува Западот за руската воена агресија против Украина и дека не сака да се запре крвопролевањето. Тој повика на нормализирање на односите меѓу Москва и отстранување на санкциите против Русија. Унгарија е единствената ЕУ држава којашто работи големи проекти со Русија, за време на војна, пишуваше Дојче Веле во ноември 2023

Прегледот на активностите на Орбан за време на претседателството на Унгарија со ЕУ покажаа дека неговите активности не беа многу продуктивни за промовирањето на територијалниот интегритет и независноста на Украина и не беа клучни за каузата за мир. Тој често беше во судир со Брисел, „разводнувајќи“ ги санкциите на ЕУ кон Русија и доведувајќи ги во прашање аспирациите на Киев за членство во ЕУ.

Контроверзна реторика за руската воена инвазија во Украина

Премиерот Виктор Орбан се најде во жижата на тешка домашна политичка бура во септември годинава, откако неговиот најблизок соработник Балаш Орбан (со кој не се во роднински врски), за медиумите изјави дека „Будимпешта не би се борела да ја отфрли руската инвазија како што тоа го направи Украина“.

Имајќи ја предвид 1956 година, ние веројатно не би го направиле тоа што украинскиот претседател Володимир Зеленски го направи пред две и пол години, бидејќи е неодговорно, бидејќи гледаме дека тоа водеше кон дефанзивна војна за неговата држава, во која беа изгубени многу животи, беа изгубени територии. Сепак, нивно право е, нивна суверена одлука, тие имаа право тоа да го направат. Но ако бевме прашани, ние не би советувале такво нешто, имајќи предвид што се случи во 1956, изјави Балаш Орбан, кој е исто така и член на унгарскиот парламент.

Меѓу 2.500 и 3.000 Унгарци, повеќето вооружени цивили, беа убиени во битката меѓу 23 октомври и 4 ноември 1956 година, против значително супериорните советски војници кои интервенираа за да ја срушат реформаторската влада на Имре Наѓ. Стотици илјади Унгарци тогаш заминале во егзил. Балаш се правдаше дека „зборовите му биле намерно испревртени“.

И покрај руската воена инвазија врз Украина, Орбан одржуваше економски и политички врски со Русија. Постојано бараше да се кренат санкциите против Русија, бидејќи биле наводно неефективни. Додека другите ЕУ земји се дистанцираат од рускиот гас, Унгарија и руски Газпром разговараат за големи достави во 2025. Освен тоа, Русија ја гради Пакс 2, нуклеарна електрана на унгарска територија.

Орбан ширеше дезинформации за опресија и културен геноцид на унгарското малцинство во Украина и побара автономија за Унгарците во Закарпатија, но даваше и други изјави.

Меѓу нив и таа дека „не е во стратешки интерес на Унгарија Украина да влезе во НАТО во дадениот момент“ во 2023 година.

Украина е на мапата каде што е. Најдобрите изгледи за неа би било да формира „бафер зона“ меѓу Русија и Западот, со безбедносни гаранции, секако. Ако ова не успее, Украина ќе ја загуби својата територија. Русите ќе ја уништат Украина, одново и одново и одново. Русија никогаш нема да прифати ЕУ и НАТО членка како Украина на својот праг, рече Орбан.

Но, анализи на јавното мислење во врска со пропагандата во Унгарија којашто ја таргетира Украина, покажуваат дека последиците од оваа реторика се страшни. Во истражување коешто го пренесе „Балкан Инсајт“, а кое го спровела „Завец Рисрч“ (Zavecz Research) се вели дека „51 процент од Унгарците ја сметаат Украина (жртва на неиспровоцирана воена инвазија од Русија) како закана за Унгарија, што е пораст за 16 проценти од минатата година“. Всушност истражувањето покажало дека Украина се гледа како главна закана за Унгарија, а втората е Русија.

Поддршката меѓу Унгарците за финансиска поддршка за Украина исто така опаднала, а секој втор Унгарец „би се чувствувал лошо“ ако е принуден да има украински бегалци како соседи.

„Ова се драматични промени“, вели Андраш Биро-Наѓ(Andras Biro-Nagy) директор на „Полиси Солушнс“.

Аналитичарите сметаат дека семето на анимозитетот било посеан пред инвазијата од 2022 година, со дезинформациски кампањи кои ја портретираат Украина како „нацистичка“ која сака да ги асимилира Унгарците.

Деновиве (20 декември 2024), Орбан рече дека „европските лидери мора да признаат дека треба да ја сменат стратегијата за Украина“. За државниот јавен сервис истакна дека „моменталната стратегија не функционира и Русија напредува на фронтот“.

Националистичкиот унгарски лидер е голем поддржувач на Доналд Трамп. Сепак, тој не специфицираше кои дејства Европа „би требало да ги промени во стратегијата за Украина“, ама го повтори повикот за „божиќно примирје“.

Пред еден месец претседателката на Европската комисија индиректно му се обрати на Орбан критикувајќи ја неговата положба кон руската агресија врз Украина.

Сѐ уште има некои кои не го обвинуваат агресорот за војната, туку нападнатиот. Не ја обвинуваат желбата на Путин за моќ, туку жедта на Украина за слобода. Сакам да ги прашам дали би ги обвинувале Унгарците за советската инвазија во 1956 или Чесите и Словаците за советската репресија во 1968?“, кажа претседателката на Европската комисија во Европскиот парламент, обраќајќи му се на Орбан.

Понудата на Орбан за медијатор и меѓу С. Македонија и Бугарија – експресно одбиена

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на почетокот на годинава потенцираше дека неговата влада сака да поттикне побрза интеграција на Западнио Балкан во ЕУ и на таков начин Унијата да добие „нова енергија“. Кога Орбан дојде во посета на С. Македонија во септември тој самиот се понуди да биде посредник во разговорите меѓу С. Македонија и Бугарија, но не откри што би содржел неговиот предлог за постигнување „спогодба меѓу двете земји за што Унгарија се нуди како медијатор“. Бугарската страна го отфрли неговиот предлог. Министерот за надворешни работи во техничката влада на Бугарија, Иван Кондов рече дека „договорот е јасен и на Бугарија не ѝ требаат посредници во овој процес“.

Од СДСМ, пак, реагираа како Орбан би посредувал ако неговиот амбасадор во ЕУ гласал за раздвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.

Ако пријателството меѓу двете земји е вистинско, тогаш требаше да се спречи раздвојувањето и да се понуди решение. Унгарија требаше да го искористи својот авторитет како земја претседавач и да најде решение, наместо во рамките на нивното претседателство да се случи раздвојувањето,го изразија своето незадоволство опозиционерите.

За Србија, одбивањето да воведе санкции против Русија беше еден од најголемите камења за сопнување кон продолжувањето кон следниот чекор од преговорите. Предлогот на Унгарија да се унапредат пристапните преговори со Србија во следната фаза беше одбиен од повеќе ЕУ земји, меѓу кои Хрватска, Естонија, Финска, Германија, Литванија, Холандија, Шведска. Според нив, Србија има лизгава траекторија во поглед на фундаменталните права, проблеми во односите со Косово и одбива да воведе санкции кон Русија.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе