Скопје, 17.03.2020
Животот и здравјето немаат цена, затоа бараме одговорно однесување на сите кон опасностите од Коронавирусот како и одлагање на изборите. Ова се вели во соопштението кое Партијата на пензионери го упати до нашата јавност. Еве што стои во него:
ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ упатува апел, до сите пензионери и повозрасни граѓани во земјата, со личен пример и стриктно почитување на мерките на државните институции за спречување на ширење на епидемијата со KOVID-19, да придонесат во заштита на своето и на јавното здравје.
За ПП не постои поголем и поважен интерес од забавување и намалување на ширењето на епидемијата со KOVID-19 во земјата, бидејќи така директно ќе се влијае на намалување на бројот на заболени граѓани, особено кај повозрасната популација граѓани, која е најпогодена со најтешки последици.
Поради наведеното, обраќајќи се директно на своите членови, симпатизери но и на сите повозрасни граѓани, упатуваме апел до сите нив, со својот личен пример и стриктно придржување на пропишаните мерки за самозаштита и заштита на другите, да повлијаат во својата средина на општо совесно однесување, што секако ќе помогне во намалување на ширење на епидемијата и последиците од неа. Животот и здравјето на луѓето немаат цена.
Апелираме и објективно да се информира за состојбите, бидејќи никој поединец или политички субјект нема право со сеење страв и паника, да „лови во матно“ во време кога, поради епидемијата, лов по рејтинг или популарност е мизерно однесување на нелуѓе.
ПП, во подршка на наведеното, во наредниот период до добивање на позитивни препораки од надлежните институции, ќе ги прекине сите свои планирани активности во функција на претстојните вонредни избори за Собрание.
Како политичка партија сметаме дека изборите закажани за 12 април, поради алармантноста на состојбите, треба да се одложат, за што препорачуваме по ова прашање да се постигне консензус помеѓу сите политички субјекти.
(Ј.Иванов)