Oхрид, 02. 12.2016
Пензионерите се најизманипулираната категорија во Република Македонија што ја налага потребата од формирање алтернативен сојуз кој ќе функционира независно и кој ќе го изрази незадоволство од работата на партизираниот и приватизиран сојуз, предводен од Драги Арегировски.
Со ваков заклучок излегоа, најнапред, незадоволните пензионери од Штип, потоаод Прилеп, вчера во Скопје, а за понеделник се најавува сличен собир во Охрид, со единствена цел да се манифестира незадоволството и да се подржи иницијативата за нов, алтернативен пензионерски сојуз, особено откако Аргироски потпиша протокол за изборна соработка со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.
Пензионерите се жалат на животниот стандард, манипулациите на власта со таканареченото покачување на пензиите, а немаат доверба и во начинот на кој се управува со парите од нивните пензии.
Сојузот на пензионери на Македонија, преку општинските здруженија, секој месец, од секоја пензија запира по 150 денари за таканаречен „солидарен фонд“, од кој 30 денари одат за централата во Скопје, а 120 денари остануваат во општинските здруженија, од кој дел се исплатува определена сума за погребнина на починат пензионер.
Алтернативниот сојуз ќе има за цел да ги обедини пензионерите кои сакаат да се сепарираат и да имаат многу поефикасна контрола над парите за членарина кои им се одбиваат секој месец од пензиите во корист на сегашната организација.
Тие не веруваат дека раководството на Сојузот на пензионери успешно менаџира со овој месечен додаток од 30 денари кој се одвојува од пензиите на околу 270.000 граѓани.
Со месечен приход од осум милиони денари, само од членарина, Сојузот на пензионери, на послушниците и подржувачите во Скопје и по општините им дава паушали кои се најстрога тајна, а набавил нов автомобил. Згора на се, сега бара месечниот додаток од 30 да се зголеми на 40 денари.
Затоа побараа да се укине автоматското одбивање на членарина за Сојузот на пензионери од нивните пензии и предложија членарината да биде на доброволна основа.
Пензионерите се жалат и на манипулации со партиципација за лекови во висина од 4.200 денари месечно, која е двојно повисока ако се земат предвид лековите кои не се наоѓаат на позитивната листата на Фондот.
Незадоволни се од изборот на луѓе за бесплатно бањско лекување, сметајќи дека има селективност во овој пристап и побараа да се почитуваат критериумите. (с.б.)