Штип, 02.03.2021
Постои голем интерес во јавноста за тоа кога ќе биде готов експресниот пат Штип-Кочани, а одговорот беше даден при денешниот увид на работите на делницата Крупиште-Кочани од страна на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Бочварски информира дека оваа патна насока ќе биде готова до крајот на годинава.
На местото на настанот покрај министерот Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми беа и градоначалниците на Штип, Кочани, Карбинци и Чешиново-Облешево преку чии територии минува оваа важна за регионот сообраќајница.
-Овој дел од експресниот пат е со должина од 13,7 километри, а инвестицијата е со вредност од 18,2 милиони евра. Задоволни сме од фактот дека граѓаните веќе ја возат првата делница од Три Чешми до Крупиште, по нов, модерен и безбеден пат, а кон крајот на годинава, кога патот ќе биде готов, ќе се вози и до Кочани.
Вкупната должина на експресниот пат од Штип до Кочани е 28 километри за што се инвестираат 37,3 милиони евра. Вкупната ширина е 11,4 метри, односно ќе има четири ленти, по две коловозни и две ленти за застанување. Максималната брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе биде 110 километри на час.