Струмица, 18.02.2018
Се случи и тоа. Струмичкиот карневал, еден од најпознатите на стариот континент, и еден од седумте најдобри зимски дестинации во Европа, по 14 години да биде посетен од државна власт. Ова го пишува струмичкиот новинар Ристо Тасев.
Еве го неговиот текст во целост.
-Последен пат на Главната карневалска вечер присуствуваше трагично загинатиот претседател на Македонија, Борис Трајковски во 2004 година. Оттогаш па до синоќа карневалот беше едноставно заборавен од премиерите и претседателите на државата. Можеби некогаш се случило да присуствува некој заменик министер или државен секретар.
Синоќа половина членови на Владата на РМ, предводени од премиерот Зоран Заев, присуствуваа најпрвин на приемот организииран во чест на карневалските групи од странство и гостите, а потоа беа и во гледалиштето.
Можеби некој ќе рече дека на Заев го „влече“ карневалот оти е од Струмица и три мандати беше градоначалник. Тоа може и да држи, ама половина влада да дојде во Струмица и тоа на чело со заменици на премиерот и уште двојно повеќе од вториот и третиот ешалон на власта кажува дека конечно вековната карневалска традиција на Струмица е призната од власта.
Претседателот Иванов во два свои мандати не најде време да доје на карневалот, а екс премиерот Груевски, кој на последните парламентарни избори ја избра токму Струмица за своја изборна база, исто така, ниту еднаш не се појави на карневалот.
Се надевам дека нема повторно да чекаме скоро деценија и половина некој од државниот врв да се сети дека во Струмица има карневал по сите светски и европски нишани и оти е еден од седумте најдобри зимски дестинации во Европа.
Омразата кон политичкиот противник не смее да биде толку голема што во градови кои значат нешто во државата да се доаѓа од изборна кампања до изборна кампања и до сечење на некоја лента и фрлање лопата.
Струмица се уште не прогласила екстериторијалност од државата Македонија, бидејќи традицијата ја чува народот, а не политичар.