Со секоја година бројот на запишаните првачиња во нашите општини е се помал. Таков е случајот и со општините Кочани и Виница, една од друга оддалечени само десет километри.
Според Голубинка Георгиева, раководител на одделението за јавни дејности во Општина Кочани, во петте основни училишта, за новата учебна година се запишани вкупно 206 првачиња, што е за околу 37 проценти помалку во споредба со лани. Евидентирани се 147 писмени изјави за деца кои нема да го почнат образованието овде поради иселување на нивните семејства, главно во странство.
-Сериозно намалување на запишани првачиња регистриравме на крајот од рокот за пријавување, при што пад на бројот има и во училиштата во градот и во населените места во општината. Карактеристичен е примерот со селата Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци во кои нема ниту едно запишано прваче, иако се работи за населени места што заедно имаат околу 1.300 жители. Според искуствата од претходните години, можно е до крајот на август да бидат запишани уште дваесетина дечиња, чии родители се на сезонска работа во други места во текот на летниот период, но тоа нема значително да ја подобри состојбата, истакна Георгиева.
И во Општина Виница опаѓа бројот првачиња за наредната учебна година, па така тие стануваат раритетна појава. Во оваа општина се запишани 13 проценти од децата во однос на запишаните во тековната учебната година што е при крај.