Рударството кај нас е „жртва“ на трендот на вкупна деиндустријализација, неговиот реален развој е далеку под потенцијалот со кој располага оваа гранка
ИНТЕРВЈУ: Ивица ТАЛЕВСКИ, претседател на Македонската асоцијација за рударство, директор за одржливост на Рудник САСА
Штип, 01.03.2023
Рударскиот сектор во нашава држава, со паметна стратегија и силна посветеност на работата успешно ги преброди времето на пандемијата од Ковид 19 и високите цени на електричната енергија која е клучна за неговото успешно функционирање Со тешката ситуација нашето рударство се соочи последниве 2,5 години, а каква денес е состојбата во стопанскиот сектор кој креира околу 8.000 работни места разговараме со Ивица Талевски, претседател на Македонската асоцијација за рударство (МАР) и директор за одржливост во рудник САСА.
-Г-дин Талевски, последниве години националното рударство се соочи со големи предизвици како што беа пандемијата и енормно поскапената цена на електричната енергија. Сега имаме војна која е на нашиот континент и која донесе економски последици. Прашањето ни е како во тие и такви околности се позиционираше рударството како важен стопански, економски и социјален сектор во државата?
– Околностите кои ги споменувате во вашето прашање креираа големи предизвици, ја нарушија стабилноста на пазарите, ги зголемија вкупните оперативни трошоци и ризиците во целокупната домашна индустрија, а не го заобиколија ниту рударството. Сепак, рударските компании, особено оние поголемите, кои располагаат со поголеми можности и поддршка од своите сопственици и инвеститори, успеаваат да ги издржат ваквите предизвици, да се прилагодат на новата реалност и да продолжат со реализација на своите развојни планови. Истовремено, свесни за своето значење за целокупниот живот во локалните заедница каде се лоцирани, покрај концесиските надоместоци кои ги уплаќаат и со кои се финансираат значајни проекти во општините, рудниците, особено поголемите, и покрај големите предизвици со кои се соочуваат, продолжија да обезбедуваат работа за голем дел од локалното население, како и за голем број други локални добавувачи на различни стоки и услуги, со што ја обезбедија социјална стабилност за голем број семејства во овие локални заедници. Исто така, овие рударски компании продолжија да вложуваат дополнителни средства во општествено одговорни проекти и активности во различни области кои се значајни за локалната заедница, како што се здравството, образованието, животната средина, спортот и поддршка на социјално-ранливите групи. На ваков начин, домашното рударство уште еднаш потврдува дека е витална стопанска гранка која може да се соочи и со најтешките предизвици и при тоа да испорача сигурност, стабилност и поддршка за луѓето, локалните заедници и за економијата на земјата.
Каква е денес личната карта на овој сектор, колку членки има МАР, колку луѓе вработува овој стопански сектор, со кој процент учествува во БДП…
– Секторот рударство во нашата земја опфаќа четири видови дејности кои вклучуваат: вадење на метални минерални суровини, вадење на камен и останати неметални суровини, вадење на јаглен и лигнит и помошни дејности во рударството. Бројот на активни деловни субјекти во оваа дејност во последните неколку години бележи тренд на пораст, при што максималниот број активни компании е забележан во 2019 година и изнесувал 221. Но, треба да се напомене дека најголем дел од овие компании, или околу 67% се микро компании до десетина вработени. Само 2% од активните рударски компании во земјата, или вкупно четири рудници се вбројуваат во категоријата средни компании до 250 вработени, а дополнително уште четири рудници спаѓаат во категоријата големи рудници со над 250 вработени по рудник. Инаку, целиот македонски рударски комплекс директно креира околу 8000 работни места. Најголемите македонски рудници се рудниците за метали, кои истовремено имаат и најголемо учество од околу 70% од прометот во овој сектор и секако имаат доминантно учество во обемот на производство. Во годините пред пандемијата и актуелната економска криза, учеството на рударството во структурата на вкупното индустриско производство на земјата континуирано се зголемуваше, достигнувајќи 11,24%. Треба да се напомене и дека рударството е една од ретките домашни индустриски гранки која бележи суфицит во трговската размена со странство, која секоја година вкупно надминува 200 милиони долари, од кои над 75% отпаѓа на извоз на метални руди. Придонесот на рударството во вкупните директни инвестиции во земјата исто така е значаен. Во 2018 тој изнесувал 11,4%, а во 2020 дури 30,7% од вкупните директни инвестиции кои пристигнале во земјата. Инаку, учеството на рударската индустрија во вкупниот бруто домашен производ (БДП) на земјата се движи околу 2% или околу 180 милиони евра, што е релативно скромно во споредба со високо развиените индустриски земји каде учеството на рударството во вкупната економија е далеку поголемо. На пример, производството на метали и јаглен во Австралија надминува вредност од 140 милијарди долари, во САД – 93 милијарди, во Канада – 30 милијарди, во Германија – 19,5 милијарди, а во Полска на пример тоа достигнува околу 12 милијарди долари. Но, кај нас рударството е „жртва“ на трендот на вкупна деиндустријализација на земјата што се случува во изминативе три-четири децении, а неговиот реален развој е далеку под потенцијалот со кој располага оваа гранка и од она што таа го заслужува.
- Дел од големите рудници кај нас кои вработуваат поголем број рудари и се столбот на опстанокот на општините во кои делуваат се обидуваат потребите од поефтина електрична енергија да ги решаваат преку изградба на фотонапонски централи, а дел од рудниците се подготвени и да инвестираат надвор од своите подрачја за да можат да продават струја и така да ги компензираат големите трошоци. Но, од многу вакви капацитети пристигнуваат жалби дека администрацијата е многу трома во давањето дозволи…Како стојат рудниците по ова прашање и што за тоа мислат во Саса. Бучим, Тораница, Злетово, Фени…
– Се вели дека секоја криза, покрај негативните последици, создава и можности. Така е и со актуелната енергетска криза. Факт е дека наглото и големо зголемување на цените на енергенсите, особено на електричната енергија, ги зголемија трошоците на компаниите, но истовремено оваа кризна состојба влијаеше на забрзување на транзицијата кон обновливи извори на енергија. Овој тренд се случува и во нашата земја. Имено, високите цени и неизвесноста во снабдувањето со електричната енергија, поттикнаа многу компании, меѓу кои и компании од рударството и металната индустрија, кои заради поради спецификата на нивните технолошки процеси се големи потрошувачи на електрична енергија, да инвестираат во сопствени обновливи извори, пред сѐ во фотонапонски централи. Соочени со потребата да ги намалат трошоците за електрична енергија, овие компании природно сакаа што побрзо да ги завршат и пуштат во работа сопствените фотонапонски централи. Водејќи сметка за ваквиот интерес, преку Стопанската комора на Северна Македонија, каде припаѓа и МАР – Македонската асоцијација на рударството, се воспостави дијалог со надлежните институции, со цел да се изнајдат начини како да се поедностави и забрза постапката за издавање на неопходните дозволи за ваквите централи. Сметам дека ваквиот дијалог даде почетни резултати, но секако треба да се продолжи со него за да можат да се изнајдат можности за дополнително забрзување на оваа постапка. Од тоа придобивки ќе имаат компаниите, но и животната средина, бидејќи ваквите инвестиции во обновливи извори, покрај тоа што ќе ги намалат трошоците за електрична енергија на компаниите, придонесуваат и за намалување на емисиите на штетни гасови во атмосферата што се случува при користењето на јагленот и мазутот во термоцентралите.
Производството на метали и јаглен во Австралија надминува вредност од 140 милијарди долари, во САД – 93 милијарди, во Канада – 30 милијарди, во Германија – 19,5 милијарди, а во Полска на пример тоа достигнува околу 12 милијарди долари. Но, кај нас рударството е „жртва“ на трендот на вкупна деиндустријализација на земјата што се случува во изминативе три-четири децении, а неговиот реален развој е далеку под потенцијалот со кој располага оваа гранка и од она што таа го заслужува.
Во моментите кога го правиме ова интервју цената на електричната енергија од 140/150 евра за мегават час е поднослива, се говори и пишува по медиумите дека е тоа резултат на војната во Украина која придонесе за затворање на многу фирми, а некои го рационализираа своето производство со преполовување на бројот на вработени, па на пазарот има вишок на струја. Но, фирмите стравуваат и од можноста за продолжување на војната која носи неизвесност и во однос на цените на енергенсите…Стравува ли рударскиот сектор за иднината…
– Имајќи предвид дека организирањето на производствените процеси во рударството е сложено и во голема мерка зависи токму од стабилното снабдување со електричната енергија и од нејзината цена, менаџерските тимови на рудниците се надеваат дека моменталните стабилни и поповолни цени на цена на електричната енергија на регионалните берзи ќе се задржи. Ова е особено важно, затоа што токму високите и непредвидливи цени на електричната енергија на берзите во текот на 2022 година беа основната причина за привременото затворање на некои домашни рудници, што влијаеше и на вкупниот пад на обемот на индустриско производство и извоз на земјата. Некои прогнози говорат дека цената на електричната енергија на отворениот пазар и во текот на 2023 ќе остане висока, особено доколку продолжи војната во Украина. Доколку ваквите неповолни предвидувања се остварат, тогаш нашата држава треба сериозно да размисли како да им помогне на домашните индустриски капацитети, вклучувајќи го и рударството, за да можат да ја задржат својата конкурентност на странските пазари каде што го извезуваат своето производство. Ова е особено значајно и заради фактот дека странските компании од оваа индустрија веќе добиваат од своите држави значителна поддршка, најчесто во форма на субвенционирана цена за електричната енергија, што ги намалува нивните оперативни трошоци и им овозможува да пренасочат повеќе финансиски средства во капитални инвестиции за натамошна модернизација на своите рудници и во одржлив развој.
Во моментов цената на оловото, цинкот, бакарот кои се произведуваат во нашите рудници е сосема коректна (2.800 долари по тон) што Вам ви кажуваат истражувањата во однос на иднината на овие метали за светската економија…
– Привидно во моментов се добива впечаток дека просечните цени на металите на светските берзи се, како што вие велите – коректни, но доколку во пресметката се внесе и инфлацијата, тогаш се добива сосема поинаква слика за реалните цени на металите, кои всушност и не се зголемени во однос на периодот пред кризата. Дополнително, ако се земат предвид прогнозите на ММФ и останатите релевантни меѓународни финансиски институции дека во текот на оваа година најголемите светски индустриски земји и пазари ќе ја забават својата економска активност, а можеби ќе влезат и во рецесија, тоа секако може донесе намалување на вкупната глобална побарувачката на метали и негативно ќе се одрази на нивната цена. Ваквите прогнози, доколку се остварат, ќе значат нови предизвици и проблеми и домашните рудници, особено поголемите кои како што реков се извозно ориентирани и зависат од движењата на глобалната побарувачка и цените што се одредуваат на светските берзи на метали.
Фени со околу 800 работници не работи веќе три месеци, работниците се дома, нема некои назнаки дека наскоро ќе се случат позитивни промени, во што е проблемот и дали има изгледи тој набргу да се реши…
– Компанијата „Еуроникел“, која е сопственик на поранешниот комбинат „Фени“ од Кавадарци, формално не е членка на Македонската асоцијација на рударството и оттаму ние како асоцијација, ниту јас како нејзин претседател не располагаме со прецизни информации и објективно не сме во можност да ги коментираме тамошните состојби. Она што го знаеме од јавните настапи на претставниците на компанијата е дека прекинот на нивната работа е предизвикан од високата цена на електричната енергија која го прави нивното производство нерентабилно. Ваквите примери се уште една причина зошто треба да се работи на изнаоѓање ефикасен механизам за поддршка од државата за домашната индустрија, особено на онаа што е доминантно извозно ориентирана, по примерот на мерките што ги прават сите држави, вклучително и членките на ЕУ.
Кадиица кај Пехчево и Иловица во струмичко не се реализираа, исто е и со рудникот за бакар кај Валандово, таа приказна трае со децении, дали ние некогаш во Македонија ќе најдеме начин да ги искористиме своите природни ресурси за економски напредок, а притоа да не и наштетиме на животната средина. Прашањето ми е како тоа светот може да направи склад помеѓу економијата и екологијата, а ние не можеме?
– Во светот, особено во развиените држави, веќе од поодамна е постигнат консензус дека концептот за одржлив развој, кој подеднакво води сметка за економската, социјалната и димензијата на животната средина успешно се применува и во рударската индустрија. На луѓето кои ги следат трендовите во рударството им е сосема јасно дека современите рудници ширум светот постојано инвестираат во модернизација на производството, во нова современа опрема и технологии, ги унапредуваат стандардите во сите сфери од работењето, ја зголемуваат сигурноста на рудничките инсталации, како и безбедноста и заштита на здравјето и секако се грижат и вложуваат во заштита на животната средина. Истовремено, за да ги достигне глобалните цели за одржлив развој поставени од страна на Обединетите Нации, светската рударска индустрија постојано ги надоградува индустриските стандарди, кои се еден вид патоказ за современите рударски компании за тоа како да го насочат својот раст и развој, а притоа тој да биде во рамнотежа со очекувањата за поздрава и почиста животна средина.
Следејќи ги ваквите успешни примери и светски искуства можам да кажам дека и кај нас свесноста за одржлив развој на рударството се повеќе се развива. Современите рударски компании во нашата земја, покрај во својата целокупна модернизација, се повеќе вложуваат и во креирање на поголема свесност во јавноста за нивните активности и придобивките од нивното работење. Сигурен сум дека со време, упорност, многу работа и истакнување на добрите практики и примери ќе успееме да докажеме дека и овде во нашата земја можеме да развиваме рударството кое, покрај економски развој, подеднакво води сметка и грижа за заштитата на животната средина.
И денес кога зборуваме за зелена енергија и за нејзината важност во креирање на чиста и зелена иднина, jaвноста треба да знае дека за изработка на една ветерна турбина потребни се околу 5 тони бакар, за еден панел на фотоволтаик потребни се 6 различни метали, а за еден електромобил само за батеријата се потребни најмалку 5 метала. Овие метали не паѓаат од небото, некој мора безбедно, рационално и без штети врз животната средина да ги извади од утробата на земјата и да ги испорача на новите зелени технологии. Прашањето ми е како да се обезбеди таа синергија помеѓу економијата и екологијата?
– За жал во нашата земја, а така е и во други држави од нашиот регион, сеуште не е достигнато неопходното ниво на разбирање и не е постигнат консензусот за кој говорев во претходно прашање, а се однесува на концептот за одговорно и одржливо рударство. За да се постигне тоа потребно е да се работи на три клучни области. Прво, треба да се дефинира долгорочната стратегија за развој на македонското рударство, која треба да одговори на прашањето – какви се реалните потенцијали за развој на оваа гранка и на каков начин тие потенцијали може да се активираат. Второ, да се воспостави ефикасен систем со кој ќе се осигура дека сите деловни субјекти во оваа индустрија, од најмали до најголеми, доследно и одговорно ги почитуваат стандардите и прописите во сите области кои имаат значење за одржливиот развој на рударството и трето, да се работи на градењето доверба и соработка со сите засегнати страни од кои зависи успехот на рударството. Само на ваков начин, со посветена работа и исполнување на овие три основни задачи, домашната рударска индустрија ќе го добие местото во општеството што ѝ припаѓа и несомнено го заслужува како индустрија која има значаен придонес за економскиот развој на земјата, која инвестира во нови технологии, вработува и обезбедува егзистенција за луѓето во цели региони од земјата и која вложува во просперитетот на заедницата.
Рудникот Саса во која вие сте директор за одржливост постојано работи на полето на модернизацијата на своите капацитети, во моментов се спроведува интересен проект познат во светот како внатрешно одлагање на јаловината таму каде таа се копа, а тоа е и во полза на животната средина. Кој е вашиот коментар во однос на овој процес, односно зошто го направивте тој проект?
– Можеби на некој ќе му прозвучи нескромно, но како човек кој ја познава домашната рударска индустрија, можам да оценам дека САСА е добар пример за одговорна рударска компанија која ја има поставено одржливоста во фокусот на целокупна своја развојна стратегија. Само за изминатите пет години, вкупните инвестиции во областите кои се значајни за одржливиот развој на САСА надминаа 30 милиони долари. Ефектите од ваквите вложувања се видливи, преку зголемената продуктивност и обем на производство, зголемената безбедност, воведувањето на интегриран систем за заштита на животна средина, зголемување на социјалната стабилност на вработените и нивните семејства и зголемување на поддршката за локалната заедница. Но, тука не застанаа инвестициите. Благодарение на визијата и големата поддршка во финансии, знаење и експертиза што ги добиваме од нашите сопственици – компанијата Централ Азија Металс од Лондон, САСА започна со реализацијата на новата капитална инвестициска програма вредна над 25 милиони долари, со која се врши промена на методот на ископување на рудата и на одложување на јаловината. Оваа програма ќе овозможи поефикасно ископување на рудното тело што ќе овозможи стабилна работа на САСА во годините пред нас, а истовремено значи и зголемена безбедност и заштита на животната средина. И она што е исто така многу значајно, реализацијата на оваа нова инвестициска програма носи придобивки за сите засегнати страни. Па така, вработените во САСА и нивните семејства добиваат поголема сигурност и стабилност на нивните работни места, се отвораат можности за нови вработувања, претежно на младите од локалната заедница, се отвораат нови бизнис можности, преку соработка со локални компании, се обезбедува стабилно производство на САСА, што значи стабилни приходи за компанијата, за нејзините инвеститори, за нејзините бизнис партнери и локални добавувачи, за државата и се разбира за реализација на проектите кои се значајни за општината и за целата заедница. Овој проект овозможува и заштеда на природните ресурси, на пример водата, каде заштедата е над 60%. Тоа јасно покажува каква е неговата вредност во поглед на заштитата на животната средина и каков бенифит тоа ќе донесе за целата локална заедница и пошироко за земјата.
Иван Бојаџиски