Рудникот „Злетово“ прослави 80 години постоење
Пробиштип, 27.08.2018
- ВЛКАНОВ. Довербата која си ја имаме едни во други, ние во рударите, а тие во нас како инвеститор, тоа е она кое нас не краси и кое ни гарантира подобра иднина. Ви гарантирам дека „Злетово“ и „Тораница“, во догледно време, ќе станат едни од најдобрите рудници за олово и цинк во Европа“
Рудникот за олово и цинк „Злетово“-Пробиштип денес ја одбележа 80 годишнина од постоењето. Најстариот македонски рудник денес е во сопственост на бугарската компанија „Минстрој“. На свеченоста присуствуваа Проф.д-р Николај Влканов, сопственик на „Минстрој“ и претседател на рударската асоцијација на Бугарија, Николајчо Николов, претседател на Македонската рударска асоцијација, градоначалникот на Пробиштип Тони Тоневски и други.
„Минстрој“ денес поседува седум рудници за олово и цинк од кои два во Република Македонија, а тоа се „Злетово“ и „Тораница“. Компанијата има околу 4.000 вработени од кои илјада се во рудниците во Македонија. „Булмарк“, како фирма на „Минстрој“ ја формиравме минатата година кога станавме носители на концесијата за овие два рдуника. Од тој момент до овој свечен ден, во „Злетово“ имаме вложено над 20 милиони евра инвестиции, а не ни помислуваме да застанеме тука. И во иднина овој и рудникот во Крива Паланка ќе ги развиваме преку обезбедување најсовремена рударска опрема и машини, зголемување на производството и на бројот на вработени. Она кое нас не краси, тоа е довербата која си ја имаме едни во други, ние во рударите, а тие во нас како инвеститор. Ви гарантирам дека „Злетово“ и „Тораницаа“, во догледно време ќе станат едни од најдобрите рудници за олово и цинк во Европа“, рече Влканов, првиот човек на „Минстрој“.
На свеченоста на која присуствуваа и поголем број од рударите на овој рудник, зборуваше и Димитар Стефановски, директор на „Злетово“.
„За само една година рудникот е рестариран, зацртаните планови во однос на производството и безбедноста при работа се остваруваат, рударите навреме си ја добиваат својата плата, а Пробиштип како рударски град одново доживува препород“, посочи Стефановски. Градоначалникот Тоневски пак нагласи дека рестартот на рудникот е од капитално значење за Пробиштип кој, во изминатите 80 години, целиот свој развој го темелел и темели на оловото и цинкот.
Големиот јубилеј на пробиштипскиот рудник и на рударите им го честиташе и Николајчо Николов, претседател на МАР. Николов се осврна и на големата пропаганда против отворањето нови рудници.
„Рудниците се стопанските капацитети кои носат живот во повеќе пасивни краишта на нашата држава. Кое е нивното значење најдобро може да се види од периодот кога во стечај заминаа „Саса“, „Злетово“, „Тораница“, „Бучим“ по што во економско-социјална смисла замреа Македонска Каменица, Пробиштип, Крива Паланка, Радовиш. Со нивното рестартирање, со доаѓањето на квалитетни инвеститори, животот повторно се врати во овие рударски градови. Оттука, неприфатлива е оваа војна која се води против отворање на нови рудници таму каде што за тоа има можност, при што не се аспектираат стручните мислења. Наш став како МАР е дека можеме да имаме и рудници а со нив и економија и екологија, од тоа да профитираат поголем број наши градови, граѓаните да имаат квалитетен жиот. Да не беа рудниците ние сега спомнатите рударски места ќе ги немавме или ќе беа испустени. Несоодветно е претседателка на политичка партија и пратеничка да дава изјави дека таму каде што ќе се отворале рудници таму била некаква зона на смртта…Тоа е погрешно, зашто таму каде што се рудниците, таму се зоните на убавиот живот..Впрочем, од целата територија на државата рудниците завземаат скромни 1,5 процент“, а тое е нешто што не може никого да „убие“, рече Николов..
Сопственикот Волканов им предаде признанија на поголем број рудари и на две рударски бригади за посебни остварувања во изминатата година.