Летот на Азербејџан ерлајнс кој се урна во средата во Казахстан бил соборен од руски систем за противвоздушна одбрана, изјавија за Ројтерс четири извори во Азербејџан со знаење за истрагата.
Патнички авион од типот „Embraer“ се урна во средата во близина на градот Актау во Казахстан, откако скршна од областа над Русија каде што претходно последните месеци се активни системи за противвоздушна одбрана.
Во несреќата загинаа 38 лица, а преживеаја 29 патници од авионот, од кои неколку се тешко повредени. На видео снимката од несреќата се гледа како авионот од Азербејџан паѓа од мала височина покрај брегот на Каспиското Море, неуспевајќи да стигне до блискиот аеродром Актау.
Во авионот „Embraer 190“ имало пет членови на екипажот и 62 патници, од кои 16 Руси, меѓу кои и 11-годишно девојче, 37 државјани на Азербејџан, шест од Казахстан и тројца од Киргистан. Според Министерството за здравство на Казахстан, преживеале 29 лица. Девет повредени Руси со специјален лет на Министерството за вонредни состојби се пренесени на лекување во московските болници.