СДСМ: Вистината за криминалиите на Илчо Захариев и на ВМРО ДПМНЕ на виделина
Штип, 04.04.2018
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Општинска организација Штип, денес, на прес конференција се огласи во однос на кривичната пријава која ја поднесе СВР Штип против поранешниот градоначалник Илчо Захариев од ВМРО ДПМНЕ и еден од неговите први соработници Игно Иванов, директор на ЈП Стипион.
Никола Тушев, првиот штипски социјалдемократ, пред новинарите рече дека конечно излегла на виделина вистината за криминалиите на ВМРО-ДПМНЕ и на Илчо Захариев, екс градоначалникот на Штип од редовите на оваа партија.
„Против поранешниот градоначалник на Општина Штип, Илчо Захариев, од страна на надлежните институции, поднесена е нова кривична пријава тешка 250.000 евра. Како што јавноста е информирана, СВР Штип до ОЈО поднесе кривична пријава против Илчо Захариев и Игно Иванов, екс директор на ЈП Стипион, поради постоење основи на сомнение дека сториле дури четири кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и две кривични дела „несовесно работење во службата“.
Според обвинението, тие двајца во повеќе наврати ја злоупотребиле својата положба; Захариев издал наредба за отстранување објекти околу градскиот базен и истиот го продал, иако знаел дека нема согласност од Совет на Општина Штип; Иванов ги реализирал желбите на Захариев, иако и тој знаел дека се противзаконски. На тој начин, ја оштетиле Општината и граѓаните за 15.412.159 денари“, рече Тушев.
Според него ова е само мал дел од незаконски донесените одлуки на минатата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Времето на самоволие и непочитување на Законите заврши и ќе биде врежано во меморијата на нашите сограѓани како една црна епизода за Општина Штип, која никогаш нема да се заборави, за никогаш да не се повтори.
„За разлика од старата, новата локална власт работи согласно Законите во Република Македонија и ја враќа довербата на граѓаните во институциите. Во изминатиов период, новата локална власт во Општина Штип предводена од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија интензивно работи на исполнување на предизборните ветувања, а со тоа и зголемување на квалитетот на живот на нашите сограѓани.
За само пет месеци постигнато е многу:
- Намалена е цената на водата за пиење;
- Се гради нова детска градинка;
- Обезбедени се средства за допроектирање брана на река Отиња;
- Се чисти патот кон гасификација на општина Штип;
- Преземани се низа инфраструктурни потфати;
- Проектиран е училишен затворен базен;
- Почна постапка за уредување мал групен дом;
- Отворена е постапка за формирање Солидарен Фонд;
Со домаќинско и одговорно работење во корист на граѓаните се прават сериозни заштеди на народните пари во буџетите на Општина Штип и јавните претпријатија. Продолжуваме да работиме одговорно, чесно, транспарентно и во интерес на сите граѓани на општина Штип“, рече Тушев.