Седумнаесет нови проекти ќе го помогнат развојот на Источниот регион
Штип, 15.01.2019
Со седумнаесет нови проекти кои ќе се реализираат во речиси секоја општина во Источниот плански регион кој има над 180.000 жители ќе се подобрува квалитетот на животот од Берово преку Пехчево и Делчево, Виница и Кочани се до Пробиштип и Штип. Малата шестчлена екипа во Центарот за развој на овој регион вредно работеше на на проектите и во изминатите дванаесет години што, според раководителката Драгица Здравева, придонело регионот од претпоследно да се искачи на трето место по развиеност, веднаш после скопскиот и југоисточниот.
-Секоја од единаесетте општини ќе има бенефит од проектите кои се одобрени и за кои се обезбедени финансиски средства. Штип ќе добие детска градина, Делчево пешачки мост преку реката Брегалница како проект со кој се збогатува туристичката понуда во градот под Голак, во Кочани преку реализација на проектот „Зелени згради“ ќе се изврши адаптација на општинската зграда во енергетски ефикасен објект, во оваа општина ќе се гради и пат од селото Оризари до манастирот „Добра вода“, вели Здравева.
Секоја од општини ги предлага своите приоритети пред Советот на регионот кој ја има доминантната улога во носење конечни одлуки.
-Таква е постапката, општинските совети носат одлуки за тоа кои потреби им се приоритетни, за нив аплицираат пред Советот на ИПР кој е е надлежен да носи одлуки што и каде ќе се гради и ќе се финансира. Тоа е така за да се овозможи секоја од општините да добие поддршка за проект кој и е важен. Нам работата во тој поглед многу ни е олеснета бидејќи како градоначалници имаме извонредна соработка и лесно наоѓаме заеднички јазик во однос на проектите, вели Николчо Илијев, ретседател на Советот на ИПР и градоначалник на Кочани.
Согласно усвоените проекти за кои се обезбедени и финансиски средства, во пет општини – Виница, Кочани, Чешиново-Облешево, Карбинци и Пехчево- ќе се градат патишта како дел од проект за развој на руралните средини. Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој со 35 милиони денари на кои ќе им бидат придодадени уште 11 милиони денари како влог на општините, ќе го поддржи руралниот развој на општините Кочани и Карбинци.За 22 села се изработува урбанистички план.
-Лесново е еден од највпечатливите и најпосетувани манастири во државата, а ние за него изработивме досие со комплетна анализа за негово прогласување за гео парк со што овој манастирски комплекс ќе влезе во светската мрежа на гео паркови. Општината Чешиново-Облешево е позната по своите штркови, а таму ќе се гради еко-етно село за општината подготвено да го дочека месецот јуни зашто оваа општина годинава е прогласена за европпско село на штрковите и во тој месец тука ќе дојдат многу експерти од различни сфери на животот, посочува Здравева.
Посебно интересен е проектот „Стари вековни дрва во микрорегионот Пијанец-Малеш“ кој веќе го спроведува Балканската федерација за одржлив развој и проектот за одржливо управување со природните ресурси во микрорегионот Пијанец – Малеш како втора фаза од проектот. Годинава Пробиштип во рамките на регионалниот развој треба да го добие својот Музеј на ретки минерали, Берово смета на пешачка и велосипедска патека патека покрај реката Брегалница, кај селото Соколарци во општина Чешиново- Облешево ќе се гради станица за третман на отпадните вди, Зрновци ќе добие етно парк . Овие проекти се очекува да бидат одобрени од Бирото за регионален развој.
Регионот има активна прекугранична сорабока со Бугарија со која се работи на два проекти – реконструкција и адаптаација на мултикултурниот центар во Кочани и конзервација и реставрација на црквата „Свети Власие“ која е дел од штипската тврдина „Исар“.