Штип, 25.06.2021
Симон Поликарп, попознат на штипската и целата македонска јавност као Џими, на вонредните избори за градоначалник на Штип пред околу четири месеци оствари втор според гласовите изборен резултат, веднаш после д-р Сашко Николов, кој убедливо победи на тие избори.
Зад Симон Поликарп застана малата партија Интегра, а освоените околу 2.300 гласа, и фактот дека толку гласачи во Штип застанале зад човек кој потекнува од Нигерија, а во Штип и Македонија е четириесеттина години и тука создаде семејство, беа големо изненадување кое во Градот под Исарот доведе и некои медиуми од други држави кои се бавеа со ликот и делото на Симон.
Денес го прашавме дали на октомвриските (редовни) избори пак ќе се кандидира за градоначалник на Штип.
-Конечниот одговор ќе го знам во недела кога највисокиот орган на Интегра ќе носи одлуки во однос на октомвриските избори за нови локални власти.Лично би сакал пак да учествувам во изборниот процес, но, како што реков, се ќе зависи од Партијата која пред половина година застана зад мене, ни одговори Поликарп.
Тој за проблем го смета фактот дека зад него стои партија која нема доволно ресурси за изборен натпревар, нема добро развиена партиска инфраструктура и нема пари како што ги имаат годлемите партии што, според Симон е голем проблем.
-И покрај се јас сум крајно благодарен на Интегра што ми даде можност да бидам кандидат за градоначалник на Штип и од петмина кандидати да бидам втор по освоените гласови. Им благодарам и на штипјани за тоа што ме ценат, што јас го знам од секојдневните контакти. Затоа мислам дека ако пак бидам кандидат за градоначалник на Штип овојпат моите шанси стануват значително поголеми. Но за тоа во некоја друга прилика, вели за istokpress.mk Симон Поликарп-Џими.