Штип, 09.03.2017
- Пред нешто повеќе од година дена Ќерим симна мој коментар од страниците на Утрински за неговиот пријател Илчо Захариев, пред осум месеци ми даде корпа од регионален дописник на овој весник продавајќи ја слободата на медиумот за два грама лим во форма на штипски орден „Свети Никола“ кој му го закачи градоначалникот лично
Синоќа со задоволство седнав да го следам двобојот кај губилиштето за налицкани македонски политичко-бирократски фаци, Телевизија 24. Мојот интерес беше провоциран од потребата да дознаам што кај Мишко Иванов има да каже Срѓан Ќерим, најнеуспешниот менаџер во медиумскиот бизнис кај нас.
Веднаш сакам да констатирам дека „кариерниот дипломат“ ме разочара со својата неелоквентност, со бегањето од суштината на прашањата кои му беа поставувани и со немањето никакви знаења за тоа како се менаџираат весници, односно медиумска компанија. Секако, и со големите купишта изнесени невистини.
Од 1999 година, со појавата на Утрински весник бев дел од од неговата екипа. Се до 4 мај, минатата година. Важев за добар, посветен, работлив дописник од источниот регион. Уживав да работам за весник од форматото на еден Утрински.
Неколку месеци пред тој 4 мај, напишав коментар за работењето на штипскиот градоначалник Илчо Захариев. Од уредништвото на Утрински ми беше кажано дека коментарот е квалитетен и дека ќе биде објавен. Истата вечер, минута после полноќ, на интеренет го отворам Утрински а таму-ни трага ни глас од коментарот. Го немаше на страниците на весникот. Кога денот фати залет прашувам кај уредничката каде ми е коментарот на што добив одговор дека иако бил технички испланиран и ставен на страница, тие морале да го повлечат. На потпрашањето „зошто е направено тоа“ добив одговор дека наредбата дошла од „највисокото место во МПМ“!
Толку за Ќерим и слободата која тој им ја давал на уредниците.
На 4 мај минатата година, од Утрински ми беше соопштено дека повеќе не сум им дописник од истокот. Јас не прашав зошто, причината ја знаев, ама од другата страна на телефонот ми рекоа дека така наредил Ќерим! Причина: сум пишувал лошо за неговиот голем пријател, штипскиот градоначалник Захариев!
Поентата за сиктер решението потпишано од Ќерим лежи во фактот дека шест месеци предтоа, на 19 декември 2015 година, Илчо Захариев ги закити неговите херојски гради со највисокото признание на Штип – орденот „Свети Никола“. Во Штип имаше многу прашања за која тоа заслуга Захариев на Ќерим му го даде највисокото признание на градот кога оваа личност нема никаков придонес за Штип?
Разбирливо, сега беше време Срѓан Ќерим да му се оддолжи на Захариев за честа која Илчо му ја укажа. Бидејќи нарцисоидниот и забеган Захариев мене не ме мириса, а не ме мириса поради тоа што и денес, после 55 години во новинарството сеуште се водам од основниот принцип новинарот да ја контролира власта, а не таа него, за Илчо имам напишано повеќе критички текстови. Но тие не беа објавувани во Утрински туку во Штипски глас.
Сепак, Срѓан Ќерим морал да му удоволи на својот штипски пријател. Не водејќи сметка дека со тоа прави злосторство против весникот за кој е најповикан да се грижи да го има најдоброто на своите страници. Така „кариерниот дипломат“ се грижеше и се грижи за весниците. За два грама лим во форма на „орден“ закачени на неговите гради ја продаде слободата на весникот.
И затоа неговите кажувања во емисијата кај Мишко Иванов беа сé само не и момент на искреност. Настапот му беше повеќе неуспешен обид за замајување на јавноста. А тоа беше така зошто Ќерим, барем јас така ценам, не ја има слушнато мадагаскарската мудроста која гласи вака: „Кога вистина е сама таа е дебела крава, кога ќе добие сведок станува мршаво куче“.
Јас се јавувам токму во тоа својство. Во својство на сведок кој „вистината“ на Ќерим од дебела крава, аргументирано ја сведува на мршаво куче.