ТАРАВАРИ ОД ШТИП: Шокриран сум од условите во Клиничката болница
Штип, 25 август 2017
- ТАРАВАРИ: Таа слика во штипската Клиничка болница ми вроди асоцијации на центарот на Скопје, на луксузот на поранешната Влада, асоцијации на условите на нашата авангарда која е во Парламентот. Тие луѓе што го изградиле тој центар, што вложиле милјарди и што изградиле такви луксузни зданија, за таквите не сум сигурен дека било кога дошле во Клиничката болница во Штип… Гарантирам дека вакви болници во светот не постојат ниту за животни
Министерството за здравство подготвува нов пакет мерки за да ги задржи младите лекари во земјава, а не да заминуваат да работат на клиниките низ Европа. Тоа денес од Штип, по посетата на Клиничката болница, го изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
„За само четири години Македонија ја напуштиле 1.000 млади лекари, меѓу кои и најдобрите студенти на Медицинските факултети во земјава. Тоа е голема бројка, над 200 доктори годишно заминуваат на два милиони население, тоа е неспоредливо со било која друга држава во светот“, забележа Таравари кој ги види условите во штипската болница во придружна на државниот секретар во Министерството за здравство д-р Владимир Милошев, директорот на Клиничката болница д-р Ален Георгиев и пратеникот Благој Бочварски.
Тој прецизира дека за да се запре тоа кадровско осиромаштување, во Министерството за здравство планирале носење повеќе мерки на кои морало да им претходат измени во Законот за здравствена заштита.
„Планираме вработување на огромен број на доктори. Имаме надеж дека со над 400 специјализации кои ќе ги имаме во блиско време, ќе успееме да ги мотивираме младите доктори да останат дома. Планираме специјализациите да бидат финансирани од Клиниките, односно од болниците за чии потреби младите доктори ќе специјализираат бидејќи тие се корисни како кадар во државното здравство, како наша иднина. Планираме и огромен број на едукации во странство каде нашите млади доктори ќе одат бесплатно. Идејата е тие кои се наша иднина во нашиот државен здравстевн систем практично да видат како се работи во современото светско здравство, па кога ќе се вратат тука, своето стекнато знаење да го стават на услуга на нашите граѓани“, појасни министерот Таравари.
Според првиот човек на националното здравство во сите болници во земјава постои дефицит од лекари и медицински персонал. Наскоро ќе почнат да важат и печатите на специјализантите, за што Министерството е во постојана координација со Лекарската комора. Таравари е оптимист дека околу Нова година ќе се изгласа новиот Закон за здравствена заштита. Тој јасно кажа дека тие не го имаат заборавено своето предизборно ветување за поголеми плати на вработените во државното здравство.
„Не само покачување на платите на лекарите, туку и покачување на плати на сите здравствени работници, на сестри и болничари, на административци е во нашата агенда. Нема да биде како што порано беше, да се покачуваат платите само на докторите. Работиме на тоа сите да имаат покачување на платите, но тоа ќе се случи од идната година“, рече Таравари најавувајќи повеќе позитивни изненадувања за докторите што ќе им биде голема мотивација тие да останат дома и да се посветат на здравјето на нашите граѓани.
Министерот денес ја изрази својата згрозеност од она што го видел во штипската Клиничка болница.
„Ова што го видов во штипската болница го немам видено никогаш во својот живот, во ниту една блоница. А во здравството сум две децении. Не знам дали има полоша болница и полоши услови од оваа болница. Шокиран сум од условите во кои се лечат пациентите и во какви услови работат лекарите и медицинскиот персонал и им пружат здравствени услуги на потенцијални 200.000 пациенти од источниот регион.
„Таа слика во штипската Клиничка болница ми вроди асоцијации на центарот на Скопје, асоцијации на луксузот на бившата Влада, асоцијации на условите на нашата авангарда која е во Парламентот. Тие луѓе што го изградиле тој центар, што вложиле милјарди и што изградија такви луксузни зданија, споменици и се друго што е луксуз, а не потреба, за нив не сум сигурен дека било кога доашле во Клиничката болница во Штип. А и денес ги слушам како се фалат кека Штип многу им значел. Сепак, сигурен сум дека граѓаните на Штип знаат што е вистината и како изгледа нивната болницата, дека никакви лакировки таа мизрија не можат да ја сокријат“, го кажа својот став министерот Таравари.
Тој потврди дека сегашната Влада ќе ја поддржи изградбата на новата Клиничка болница и ќе настојува таа ден побргу да биде завршена. –„ Јас се надевам дека во 2019 година медицинскиот персонал конечно ќе има достоинствени услови за работа, истото ќе го имаат и пацинетите за лекување, зашто ова што го видов во Штип е далеку од човековото достоинство. Ви гарантирам дека вакви болници во светот не постојат ниту за животни“, рече министерот.
Министерот појасни дека по промената на раководниот кадар ургентно биле санирани најголемите дефектите на медицинските апарати, а од страна на лекарите и медицинскиот персонал добил и листа на потребна апаратура во штипската Клиничка болница. Тој вети дека потребните апарати набргу ќе бидат обезбедени.