Oхрид, 23 декември, 2016
Во политиката влезе со мечот враце, преку граничните премини Богородица и Меџитлија, каде ја блокираше грчко-македонската граница! Продолжи да живее со крстот враце, потпрен на “семакедонската” доживотна столица – врз крвта и маката на македонските иселеници од дијаспората и манипулациите со Македонците од соседните земји!
Не му беше тешко да изигрува спаринг партнер на прецедателот паљурски, во секоја манџа, да биде мирудија!
Моментно, запре во Теарце, каде брка индијанци и предавници, проколнува “до седмо колено”, како професионален оплакувач (threnos), скапо платена тажачка, која заплашува со судниот час и пеколот, обвинува дека сите што не мислат како него – си ја продале душата на ѓаволот!
Самиот, пак, сади тикви со нечестивиот! Ѓаволот не го јаде својот род!
Се повикува на Господ, завршува со Амин!?
Се продава за грамотен и црковен, Тодор – крстоносецот, кој не стасал да ја разбере мислата на Гете (од Фауст), дека човекот има две души, една која го воздигнува во небото, и друга која јо влече по земјата!
Quo vadis Todore: Quod Liced Jovi, non licet bovi!
(Тоа што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на волот!)
Да му го посакуваш најлошто на друг, да бараш гласови преку клетви, дрско повикувајќи се на Бога, е исто како да испиеш отров и да очекуваш некој друг да замине – место тебе!?
Да беше жив Ниче, најверојатно ќе те прашаше: кажи ми каков човек си и ќе ти кажам на кој Бог му се поклонуваш!
Како да знаел дека ете, во една библиска земја, ќе се роди еден Тодор, кој се повикува на Севишниот, а му се поклонува на приземниот – партискиот бог!
Во името на партискиот бог, сее заеднички страв!
Повикува на мрак, бохули!
Батали, Тодоре, повеќе не има нас, кои сме за разбирање и љубов, побројни сме ние кои сме тргнале онаму – каде не продира темнината! Таму каде се љубат, никогаш не е мрак!
Омразата ја храни одмаздата, простувањето не ослободува од омразата! Човек може да уништи се во себе – љубовта, верата, омразата, дури и сомнежот.Но, додека е жив не може да го уништи стравот! (Џозеф Конрад)
Не брзај Тодоре, потисни го стравот, почекај до недела. Никој не може да ја дочека зората, а да не помине низ ноќта! (Халил Џубран).
Твојот приземен бог, потроши една деценија, човечката свест да ја фабрикува на подвижна трака како потрошувачка стока. Цела деценија – време на деформација на личноста! (од есејот “Индустријализација на свеста”, на Ханс Магнус Енцесбергер) .
Но,секогаш новиот почеток е – во крајот!
Настапува ново доба, лугето се променија, побараа промени!
Само Тодоре Петров,остана лавот кој, иако пуштен од кафезот, продолжува, и во џунглата, да се врти во круг!!!