УСПЕХ: Општина Кочани без долгови
Кочани, 16.07.2018
За само девет месеци од стапувањето на функција на новата локална власт, долговите на Општина Кочани од наследените 76 милиони се сведоа на „0“ денари. Со вака убава информација градоначалникот Никочо Илијев ги „почести“ советниците и граѓаните на општината.
„Кога пред девет месеци ја презедовме локалната власт се соочивме со наследен долг од 76 милиони денари на основниот буџет. Ако пред девет месеци стравувавме за начинот на негово сервисирање, денес гордо можеме да кажеме дека преку политиката на контрола на сите трошоци, финансиски ја консолидиравме Општината и таа денес е без долгови со салдо на сметка незамисливо за годините пред нас“, рече Илијев.
Убавата вест градоначалникот Илијев ја промовира на свечената седница на Советот на општината, а по повод Петровден, празникот на градот. На свеченоста присуствуваа и заменик-министрите за локална самоуправа и за култура, Дејан Павлески односно Владимир Лазовски.
Посебна почит и благодарност Илијев упати до Советот на Општината, кој, како што рече, успеал да ги надмине партиските и дневно-политичките бариери, и носел одлуки кои придонелет за побрз развојот на Општината, што е основен интерес на граѓаните.
Водејќи се од начелото на транспарентност во јавните набавки, Илијев уште соопшти дека од првично планираните 11 улици за 2018 година, со ист износ на парични средства, во моментот се работат 16 улици во сите населени места и во градот Кочани.
Посебен акцент Илијев стави на владеењето на правото, како една од основните заложби на оваа локална власт, а во делот на инспекциските служби најави зајакнување, сè со цел да може соодветно да се одговори пред законите и предизвиците.
„Образованието е основа за развојот на секое општество, а со тоа е важна сериозноста и одговорноста на сите раководители на образовните институции. Ќе им порачам на сите инволвирани страни во образованието, да го вратиме достоинството на наставникот преку професионализам, почитување на квалитетот и целосна департизација почнувајќи од првиот човек на секоја образовна институција“ порача Илијев.
Во досегашната работа посебна почит и благодарност Илијев упати до Советот на Општината, кој, како што рече, успеа да ги надмине партиските и дневно-политичките бариери, и чии одлуки придонесуваат за побрз развојот на Општината, што е основен интерес на граѓаните.