ШТИП: Бездомните кучиња собрани во собирен центар

Штип, 18.03.2019

Центарот на Штип, место кое со години беше собирно место на безброј бездомни кучиња, веќе два дена е со сосема поинаков изглед. На плоштадот „Слобода“, по коритото на реката Отиња, пред и зад хотелот „Оаза“, на трговската улица „Ванчо Прќе“ каде што обично се собираа поголем број кучиња, денес немаше ниту едно домашно милениче.

Советот на општината, на последната седница на 14 овој месец, расправаше токму на ова тема бидејќи реакциите на граѓаните стануваа се поголеми со барања кучињата скитници да се тргнат од јавните простори. Советникот Горан Карашов посочи дека кај седумте кули во тек на само една недела имало дури девет напади на кучиња на луѓе. На седницата беше речено дека е постигнат договор со Заводот за ветеринарство и храна за шестмесечно користење на прифатниот центар за кучиња (стационар), а во тие шест месеци општината да ги направи сите корекции за квалитетна работа на стационарот.

Соња Китанова, секретар во Општина Штип, информира дека општината постигнала договор со Ветринарна станица Штип за време од три месеци со кој договор оваа институција се обврзува да ги заловува, транспортира, лабораториски да ги испита, да ги вакцинира против беснило, да им обезбеди антипаразитски третман, да ги кастрира, да го одржува стационарот и на кучињата редовно да им обезбедува вода и храна.

-Во ова меѓувреме покренавме постапка за постигнување спогодба на две години со лиценцирана институција за третман на бездомните кучиња. Во стационарот има осумнаесет бокса, едно куче максимално може да се чува до 30 дена, а ако некој не го удоми на него се става маркица и се враќа на улица. Заболените кучиња кои не можат да бидат излечени хумано ќе бидат еутаназирани и адекватно закопани во специјална јама на депонијата „Трештена скала“, вели Китанова.

По целоснот третман на кучињата граѓаните на Штип ќе имаат можност еден ден во неделата да го посетата стационарот и по своја желба да си одберат милениче за својот дом.

Штипските советници беа информирани дека општината добила информација од Заводот за здравствена заштита дека низ градот има заболени кучиња кои слободно шетаат меѓу луѓето и дека од некои од таквите кучиња на луѓето била пренесувана опасната болест лишманија. Поради тоа е и одлуката таквите кучиња на кои им нема лек хумано да бидат еутанизирани.

Во моментот во тек се некои помали поправки на стационарот на кои инсистира Дирекцијата за ветеринарство и храна. Сашко Протогеров, директор на ЈП „Стипион“ вели дека поправките мошне бргу ќе бидат направени. Од штипската локална власт уверуваат дека ниту едно бездомно куче нема да биде еутанизирано ако постои и најмала можност тоа да се излекува.

„Идејата ни е сите да бидат задоволни и среќни и ние на тоа работиме во моментов. Оваа „операција“ требе да реши еден голем проблем на градот, на бездомните кучиња и да обезбеди безбедност на граѓаните. Собирањето во стационар и хуманиот третман на овие кучиња се и можност граѓаните кои сакаат вакво домашно милениче да си ја остварат желбата со здравствено проверено милениче“, порача советникот Милчо  Смиљанов.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе