Штип, 29.08.2018
Штип вечерва ќе го слави познатиот музички педагог Сергеј Михајлов, создателот и долгогодишен директор на Музичкото училиште кое од 2005 година го носи неговото име. Под неговата диригетнска палка, во Штип беше изведена првата опера во Македонија.
Вечерва, во 20,30 часот, во Домот на млади, поранешен Официрски дом, во кој на 29 август 1925 година била изведена првата опера во нашата држава со оперисти од Штип, ќе биде поставена спомен плоча во чест на настанот, а ќе има и богата музичка програма. Спомен плочата ќе ја отвори Иван Бојаџиски, петседател на Комисијата за култура при Советот на општина Штип.
„Вечерва имаме специјална музичка програма која ја организираме во чест на Сергеј Михајлов и првата опера во Македонија. Ќе настапат учениците од Државниот музички училишен центар „Сергеј Михајлов“: Марија Ѓорѓиевска, Сања Димова, Сара Јанева од класата на проф. Катерина Станчева Јованова и м-р проф. Виолета Арсовска. Пијано придружба е на м-р проф. Трајче Роглев. На програмата се застапени дела од Бах, Прокопиев, Ардити, Пучини, Бизе, Моцарт“, велат Горан Трајков, директор на Домот на млади и Горан Кавраков, директор на музичкото училиште, институции кои во една синергија заедно го подготвуваат настанот. .
Сергеј Михајлов, руски емигран во Македонија, е роден на 31 август, 1885 во градот Харков во Русија,. Во сите свои интервјуа и во својата биографија тој потенцира дека потекнувал од богато семејство што му дало можност уште како дете да посетува трговско, но паралелно и музичко училиште. Меѓутоа, кога останал без родителите, заминал на Кавказ, а потоа како војник преку Цариград дошол до Солун од каде се преселил во Гевгелија и работел како музички педагог во гевгелиското училиште. Наредната година, кога штипската гимназија останала без професор по музика, се барало од Министерството за образование тој да биде префрлен во Штип па така Михајлов се преселил во овој град.
Според сега покојниот културен деец Кирил Петров, кој им напишано книга за првата опреа во Македонија и за Михајлов, премиерата на операта ‘Палјачи’ од Руџеро Леонкавало била изведена на 29 август, 1925 во тогашниот Офицерски дом во Штип. Михајлов ја избрал Паљачи зашто за неа биле потребни помал број на оперски пејачи кои тој ги нашол меѓу надарените за оперско пеење штипјани.
На барање и инсистирање на Друштвото за македонско-руско пријателство и соработка, во 2005 Советот на општината донесе одлука ова училиште да го носи неговото име.
Михајлов во Македонија дојде сам и сам го помина целиот свој живот, а се што спечалил во животот и целиот музички материјал, ноти и слично, ги остави на Музичкото училиште. Живееше 90 години и се до својата смрт беше меѓу најпочитуваните граѓани на Штип. Неговите останки почиваат на Градските гробишта во градот за кој даде толку многу.