Штип, 26.02.2020
Вечерва голем број штипјани уживаа во слики и цртежи на штипските надежи во уметност на возраст од пет до четиринаесет години. Децата кои уште на стартот го покажаа својот несомнен уметнички талент во оваа гранка на уметност се посетители на школата по цртеж и сликарство која работи во рамките на галеријата „Колорис АМ“ на уметникот Боре Минов. Во тајните на уметноста нив, покрај Минов, ги води и Анастасија Петрова, ликовен педагог.
Изложбата ја отвори Иван Бојаџиски, претседател на Комисијата за култура при Советот на Општина Штип, а на истата говореше и уметникот Боре Минов. Преубавиот настан го збогатија Дајана Арсова и Филип Горгиев, со изведба на виолина. Ученици во Музичкото училиште „Серѓеј Михајлов“.
Во време од шест месеци колку што функционира оваа уметничка штипска оаза, низ три циклуси кои траат по два месеци досега поминале над триесет надарени за сликарство и цртеж деца. Ова е втора изложба на младите уметници од „Колорис АМ“.
-Вечерва се изложени 81 дело од 14 учесници на оваа изложба. Изложбата е продажна, таа е од хуманитарен карактер зашто парите кои ќе се присоберат од продадените дела ќе бидат уплатени за националното здружение „Храбро срце“. Дел од сликите ќе бидат подарени на одделението за интервентна кардиологија при Клиничката болница во Штип, посочи Минов.
Голем број од посетителите си купија по некоја слика и така ја покажаа својата хумана страна.
www.istokpress.mk донесува неколку фотографии од настанот