Штип, 23.12.2020
Сенка Андреева, претседателка на Општинската изборна комисија денес, на пригодна свеченост во големата сала на Општина Штип, му го врачи решението за избор на градоначалник на овој регионален центар на д-р Сашко Николов.
-Ќе бидам градоначалник на сите граѓани на мојот Штип. На градот кој ми даде сé и на кого ќе му го посветам најдоброто од себе и во секоја смисла. Нема да правам поделби на „наши“ и „ваши“ по ниту една основа. Ниту по политичка, ниту по верска, ниту по етничка. За мене секој жител на Штип си има своја вредност и секој може да даде драгоцен придонес во развојот на градот и општината, рече новоизбраниот градоначалник Николов.
Тој кажа дека во мандатот до месец октомври, кога следуваат редовните избори за нови локални власти во нашата држава, ќе се посвети на завршување на започнатите проекти од неговите претходници Благој Бочварски и Јане Миланов.
-Во овој миг не би сакал да говорам за конкретни проекти, но на посебна средба со новинарите ќе го обзнанам она кое во овој кус период може да се направи. И денес цврсто стојам на дадениот збор во предизборието дека во овој мандат ќе ја отпочнеме изградбата на сто мали куќи за социјално ранливи семејства, рече д-р Николов.
Николов уште потенцира дека за време на неговиот мандат во кабинетот ќе биде само кога ќе прима делегации и кога ќе има закажани средби со граѓани.
-Во сето друго време јас ќе бидам низ градот и општината. Ќе разговарам со луѓето, ќе примам идеи и сугестии, ќе вршам надзор над она кое се работи и над она кое во овој мој мандат ќе почне да се работи. Современ и одговорен градоначалник на град од форматот на Штип секогаш мора да биде таму каде нешто добро, потребно и квалитетно се гради, а е во интерес на сите кои животните судбини ги сврзале со нашиот преубав град и селата во општината, рече д-р Сашко Николов.