Штип, 18.01.2018
Штип за спортот годинава ќе издвои 14 милиони денари. Најголем дел од нив, 10 милиони денари, добива ФК „Брегалница“. Ова беше одлучено денес на седницата на Комисијата за спорт при Советот на Општина Штип.
Со свои финансиски барања за поддршка на спортот настапија поголем број спортски клубови. Ракометниот клуб „Текстилец“ бараше еден милион, а доби 460.000 денари. Боречкиот клуб Балканец настапи со побарување од 1.694.000 денарино Комисијата за спорт, согласно финансиската моќ на буџетот, одобри половина од оваа сума, односно 800.000 денари.
Во месец мај во Штип, на отворено, ќе се одржи меѓународен натрпевар во пеливанско борење во организација на „Пеливански асови“. За ова беше побарана сума од 60.000 денари која Комисијата му ја одобри на клубот.
Барањата на Кикбоксинг клубот Гладијатор за средства за годишната членарина ќе биде прифатено откако клубот ќе достави дополнителни документи, а истото се однесува и на Тенискиот клуб „Астибо“ .
За одбележување е дека минатото раководство на ФК Брегалница остави долг од 4 милиони денари, па сега се бара начин како таа голема финансиска дупка да биде покриена за клубот да може слободно да диши.
Комисијата позитивно се изјасни за барањето за реконструкција на спортската сала во ОУ „Тошо Арсов“ но со оглед на фактот дека се работи за поголема сума на пари одлучено ова барање да се препушти на институциите градоначалник и Општински совет.
„Ги респектиравме барањата на нашите спортски клубови во исто време водејќи сметка за можностите на буџетот. Мислам дека сите си заминавме задоволни од оваа дебата на Комисијата за спорт и претставниците на спортските клубови“, рече Елвир Мандак, претседател на спомнатата комисија.