Штип, 19.03.2021
И Чардаклија, штипска приградска населба, доби чиста и здрава вода за пиење од градскиот водовод. Населбата има околу 70 куќи и близу 300 жители. Првата славина од која потече вода денес ја отвори градоначалникот д-р Сашко Николов. Оваа населба досега добиваше само техничка вода од приватен водовод која беше и поскапа за 3,51 денар. Цевководот до Чардаклија е во должина од 700 метри, а за водоснабдување на населбата се инвестирани 6 милиони денари.
Оваа приградска населба е лоцирана на околу 7 километри од Штип, веднаш до патот Штип-Кочани. Со овој потег на ЈП „Исар“ обезбеден е и посебен цевковод преку кој со квалитетна вода ќе се обезбедуваат и низа индустриски капацитети во индустриската зона „Македонка“.
За снабдување со вода за пиење од филтер станицата на ЈП „Исар“ во општина Штип остана уште само населбата „Македонка“, попозната како „Насеље“ за што пари во износ од 6,7 милиони денари се обезбедени од Владата која наскоро ќе го објави тендерот за извршување на работите. Предвидувањата се дека и оваа населба квалитетна вода за пиење ќе добие во текот на оваа година со што Општина Штип комплетно ќе го затвори ова важно прашање.