ШТИП: Како до имиња на новите улици, мостови, плоштади?
Штип, 05.02.2018
Списокот на можни имиња за нови улици во Штип е заокружен на бројката десет. Но, на таа листа се наоѓаат имиња на маркантни личности од нашата, главно понова историја чии имиња е непримерено да се дадат на мали улици на крајот од градот каде се локациите за нови индивидуални градби. Поради тој факт Советот на општина Штип донесе одлука за проширување на понудата.
Но, кој може да дава предлози и како да се направи тоа?
„Очекуваме свои предлози да дадат политичките партиципиенти во Советот на општината, Универзитетот „Гоце Делчев“ како научна и образовна установа, Боречката организација, Црквата, Националната универзитетска библиотека „Гоце Делчев“…Тоа е една долгогодишна пракса која давала и дава резултати. Потребно е да имаме список со најмалку дваесеттина имиња кои ќе бидат усвоени од Советот на општината а потоа и од Владата “, вели Соња Китанова, скеретар на Општина Штип.
Тоа, секако, не значи дека и граѓани, групно или индивидуално, не би можеле да ги дадат своите предлози кои треба да ги адресираат на Советот на општина Штип, да ги достават до архивата на општината или по пошта.
Предлози се очекуваат од Советот на општината, Универзитетот „Гоце Делчев“ како научна и образовна установа, Боречката организација, Црквата, Националната универзитетска библиотека „Гоце Делчев“, но од оваа важна „операција“ не се исклучени ниту иницијативите на граѓаните.
„Покрај улиците ние имаме и мостови но и нови плоштади кои немаат име. И тие јавни простори треба да добијат имиња. Законот е дециден дека Општината има обврска при самото издавање уверение за градење на граѓанинот да му определи име на улицата и куќен број. Тоа се однесува на новите улици. Откако Советот на општината ќе ги утврди имињата и ќе го направи конечниот список тој се испраќа до Владата на одобрување. Владата го има конечниот збор“. Појаснува Китанова.
Во Штип последниве години се гради во урбаните населби Дузлак, Сењак, Баби, Железничка, Балканска и во дел од селата, а тој факт ја наметна потребата од проширување на списокот на имиња кои би можеле да ги носат новите штипски улици но и веќе изградените мостови и плоштади во градот и селата.