Штип, 23.01.2018
Штипскиот градоначалник Благој Бочварски покренува иницијатива за отворање на Солидарен фонд. Оваа потреба се наметна како резултат на многуте проблеми и барања за хумано и солидарно активирање на нашата Општина кога се работи за случаи кои бараат средства за спасување на човечки животи.
-За квалитетно и непречно основање а потоа и функционирање на Солидарниот Фонд неопходно е да се формира Управен одбор составен од претставници на институции, стопански фирми, невладиниот сектор, здравеството и други, вели иницијаторот и штипски градоначалник Благој Бочварски.
Во таа смисла по еден член на Управниот одбор ќе предложи бизнис заедницата, невладините организациии, лекарската комора, медиумите, Општинската организација на Црвениот крст, локалната самоуправа а двајца членови, по еден од позицијата и од опозицијата ќе даде Општинскиот совет.
Девизата на солидарниот фонд беше:
„Секогаш да вложувате во Солидарниот фонд – никогаш да немате потреба од неговите пари“.
Пораката сосема јасна и недвосмислена, а би можела да биде мото и на новиот Општински солидарен фонд.
Во надзорниот орган на работењето на солидарниот фонд, за негово непречно и транспарентно работење, ќе бидат вклучени родителите кои веќе биле засегнати со проблемот на обезбедување финансии за потребите на своите најблиски.
Од спомнатите институции е побарано да делегираат свои членови во Управниот одбор на фондот, а по добивањето на предлозите, на првиот работен состанок ќе бидат девфинирани сите важни прашања за квалитетно функционирање на истиот. Предлозите треба да се достават до 29 овој месец.
Штип, во времето на социјализмот имаше таков фонд со чии средства се граде станови за работниците, а се помагаа и семејства во случаи на здравствени проблеми на нивни членови (операции и слично).