ШТИП: Советниците од ВМРО ДПМНЕ ја напуштија седница, не им се бендисувало што СДСМ се однесувала како нив порано
Штип, 31.01.2018
Советот на Општина Штип денес одржа маратонска седница од цели шест часа. Најинтересен и највозбудлив дел од седницата беше моментот кога на дневен ред се најде точката за разрешување на актуелниот состав на Управниот и на Надзорниот одбор на ЈП „Исар“ и именување на нови членови.
Советниците од опозициската ВМРО ДПМНЕ и коалицијата прво го оспорија овој чин како несоодветен на застапеноста на советниците од двете коалиции во локалниот парламент за потоа да ја напуштат седницата во делот кога се расправаше по оваа точка. Ист беше нивниот став и по однос на разрешувањето на актулениот и изборот на новиот Управен и Надзорен одбор на ЈП „Стипион“.
Опозициските советници настапија со став дека во Управните и надзорните одбори на двете јавни претпријатија, од првиот до последниот, биле членови на СДСМ и коалицијата. Одговорот на мнозинството во Советот беше дека опозицијата не го искористила своето право да кандидира членови во управните и во надзорните тела на овие јавни претпријатија бидејќи тие одбиле да учествуваат во работата на комисиите каде се усвојувани предлозите. Од владеачката коалицијат ги потсетија своите опозициски колеги дека во последните девет години во кои ВМРО ДПМНЕ неприкосновено владееше во и со градот, немало ниту еден член во овие тела од опозицијата.
Одговорот на советниците од опозицијата беше дека тоа што порано била таква ситуацијата не значи дека истата треба да продолжи и понатаму! Тие побараа две работи: да се направи баланс помеѓу членовите на Управните и на Надзорните одбори согласно застапеноста на двете политички групации во Советот, и второ, пред да се гласа за новите состави на овие тела да се види дали кандидатите ги исполнуваат законските услови. Барањата не им беа усвоени па тие наместо во салата беа на мал одмор.
Откако опозицијата ја напуши седницата советничкото мнозинство едногласно ги избра новите членови во Управните и Надзорните одбори на ЈП „Исар“ и на „ЈП „Стипион“.