ШТИП: Центарот за култура „Ацо Шопов“ со прва фотонапонска централа меѓу институциите од културата во Македонија
Штип, 24.02.2023 Штипскиот Дом на култура „Ацо Шопов“ кој е составен дел на истоимениот Центар за култура, на крајот од ова лето ќе ја добие првата фотонапонска централа на една културна институција во државава. Се работи за енергетски ХАБ, проект во кој повеќе страни имаат интерес за инвестирање. Ова е најнова од бројните иновации во најголемата културна институција во Источниот регион, а за проектот на прес конференција зборуваше директорот Горан Трајков. -Од стратешки интерес за развој на НУЦК „Ацо Шопов“ Штип е да создаваме и овозможуваме иницијативи за вклучување на приватниот сектор како партнерство во сите сегменти од културното дејствување на Центарот. Согледувајки ги состојбите овие две години како директор во НУЦК „Ацо Шопов“ Штип и неговата положба и проблемите со кој се соочувал во минатото, а се соочува и денес, а имајки ја предвид Националната стратегијата на Министерството за култура, по една година работа истражување и подготовки веќе имаме јасна слика за тоа од каде да тргнеме и како да ги досигнеме овие цели. А тие цели се содржани во нашето гледање на работите во однос на тоа каде го гледаме нашиот Центар во следните најмалку 40 години. Тука е и потребата од модернизација на условите за работа, капацитетитe и воедно повисоки стандарди во создавање благопријатни услови за вработените и посетителите на настаните од културата во нашата институција, рече Трајков.
Фотонапонската централа ќе се постави на кровната конструкција на Домот на култура „Ацо Шопов“, ќе зафаќа површина од 1.100 метри квадратни, ќе биде со инсталирана моќност од 220-290 киловат/часови од кои 40 киловат/часови ќе бидат на располагање на Центарот за култура…
Трајков информира дека токму во овој контекст го претставува првиот „Енергетски ХАБ“ во Штип. Тоа значи дека на јавна кровна површина од 1.100 метри квадратни на Домот на култура „Ацо Шопов“ ќе се инсталира првата фотнапонска (соларна) централа со исталирана моќност од 220-290 kwh со можност за надоградување во иднина.
Горан Трајков
-Развојот на современата култура подразбира имплементација на нови форми на соработка меѓу јавниот и приватниот сектор. Јавните приватни партнерства во културата се значаен инструмент за одржливиот развој на истата, а тие се и во функција на демонополизација, деметрополизација и збогатување на културната понуда во нашиот град, појасни директорот Трајков. Всушност, во овој случај на инвентивност, следење на современите трендови на ефикасно искористување на природните ресурси и гледање со децении кон иднината приватниот инвеститор вложува околу 200.000 евра, а Центарот за култура , во следните 25 години, ќе остварува приход од закуп на кровната површина и користење на 40 kwh за сопствени потреби со што сметките за струја на годишно ниво ќе бидат помали за околу 15.000 евра. -Со овој потфат придонесуваме и во делот на екологијата за почиста и поздрава животна средина преку намалување од два до пет тони CO2 или јаглерод диоксид, а енергетски хаб во Штип ќе генерира нови приходи и даноци во Општината и државата но и ќе потикне отварање на нови работни места, коментира Трајков.