Штип, 03.02.2023
Пред точно 20 години (2003 година) на тогашниот Рударско геолошки факултет (четири години пред стартот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во 2007 година) беше најавена изградбата на првата геомагнетна опсерваторија во државата. Тогашниот ректор проф.д-р Тодор Делипетров во изјава за регионалниот весник „Исток“ тогаш рече дека нашата држава била една од ретките во која, по распадот на СФРЈ не се мереле геомагнетните зрачење.
-Поради ова граѓаните пред се, а потоа и други витални служби во државата остануваат посиромашни за важни информациикои би им биле од повеќекратна помош“, изјави тогаш за весникот деканот Делипетров.
Според тогашниот проект опсерваторијата требаше да се гради во подножјето на планината Плачковица, во близина на археолошкиот локалитет Баргала за што Факултето добил на располагање 100 хектари државно земјиште. Но и денес, две децении потоа, од градбата остана само фундаментот. Сепак, добрата вест е таа што активности не беа престанатиа до 2010 година, редовно се вршени мерења на поставените мерни точки и се изработувани карти за елементите на геомагнетното поле.
На местото на кое денес требаше да постои геомагнетната опсерваторија, во подножјето на Плачковица во близина на археолошкиот локалитет „Баргала“ може да се види само фундаментот. Модерните инструменти се сместени во Конгресниот центар на УГД на планината Плачковица, но „тоа не е тоа“. Последниве десет години Универзитетот барал од надлежните министерства и Владата финансиски средства за реализацијата на овој важен проект, но до сега позитивен резултат нема.
-Тоа беше можно бидејќи по иницијатива на Катедрата за геологија и геофизика, се постави првата мрежа на геомагнетни мерни точки за мерење на геомагнетното поле на територијата на Република Македонија. Мрежата е составена од 15 точки, кои ја покриваат целата територија на државата и сите поставени на локации кои ги исполнуваат стандардите на Интермагнет (INTERMAGNET – the global network of observatories, monitoring the Earth’s magnetic field). До 2006 година се одржаа обуки за мерење на геомагнетното поле, при што поголем број на соодветни стручни лица се здобија за сертификати за завршена обука за изведување на геомагнетни мерења. Стручните лица, односно асистентите од Рударско – геолошкиот факултет, кои ја спроведуваа обуката, во текот на 2004 година беа на стручно усовршување во Кралска опсерваторија, Геомагнетна опсерваторија во Дурбс, Белгија и во Централниот институт за метеорологија и геодинамика во Виена, Австрија, ни изјави проф.д-р Дејан Мираковски, актуелен ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, поранешен професор на Рударско-геолошкиот факултет.
Бидејќи сеуште немало доволно финансиски средства, а градежните работи на опсерваторијта застанале уште при поставувањето на темелите, мерните иснтрументи биле сместени во Конгресниот центар на УГД на Плачковица (поранешно детско одморалиште) каде и денес стојат и ја вршат својата функција. Инструментите биле набавени во рамките на Темпус проектот „Геомагнетни мерења и стандарди за квалитет“ кој се реализирал во периодот 2003 – 2006 година на Катедрата за геологија и геофизика при тогашниот Рударско – геолошки факултет..
– Треба да се знае и тоа дека во Конгресниот центар на УГД, каде што работи вариометарот, има и други мерни инструменти. Поставен е сеизмометар кој ги регистрира земјотресите, не само во нашата држава, туку и пошироко. Исто така, поставен е инструмент за мерење на Шумановата фреквенција од 7.8 Hz, што всушност е сопствената фреквенција на Земјата. Оваа фреквенција е многу значајна за здравјето на луѓето и останатиот жив свет. Овие мерења се единствени на Балканот и се вршат од 2013 година. Се следи и космичкото зрачење, вели ректорот Мираковски и додава дека засега податоците кои се добиваат од нив се користат само за научни цели.
Но, опсерваторијата не е комплетна ако ја нема својата посебна зграда во која можат да се сместат сите најсовремени инструменти. Од УГД велат дека последната деценија неколку пати го иницирале барањето до ресорните министерства и до Владата за добивање на средства за изградба на опсерваторијата но позитивен одговор до денес нема.
-Ние на Универзитетот се надваме дека во блиска иднина конечно ќе се реализираат децениските заложби да проработи нашата геомагнетна станица во полн капацитет и по сите светски стандарди како дел од глобалното семејство на Интермагнет, порачува ректорот Мираковски.
Пред две децении тогашниот декан Делипетров рече дека геомагнетните полиња имаат битно значење на нашето општо расположение.
-Во услови на геомагнетни бури човек се чувствува лошо. Не му е до ништо, апатичен е на се, дури му е тешко и да мисли па во таква ситуација човек се прашува што му се случува.Покрај ова сознанијата за геомагнетните зрачење ќе му помогнат и на авиосообраќајот во нашата држава. Имено, сите светски аеродроми имаат посебни места на кои строго е определено геомагнетното поле и на кои места авионите ги тестираат уреди за навигација. Во услови на геомагнетни бури авионот може да ја изгуби насоката на летање, а опсерваторијата ќе ги извести нашите аеродроми во Скопје и во Охрид за местата на кои тие ќе си ги тестираат уредите, рече тогаш Делипетров.