Штип, 28.12.2017
Убава новогодишна честитка им испорача штипскиот градоначалник Благој Бочварски на своите сограѓани. Тој денес, на прес конференција, обзнани дека од почетокот на Новата 2018 година цената на водата се намалува за 5 проценти. Бочварски потсети дека е тоа уште едно реализирано ветување дадено во време на предизборната кампања.
„Како и што ветивме во предизборието, ја намалуваме цената на водата за пиење за 5 проценти, а од почетокот на 2019 година ќе следи ново намалување за истиот процент. Како локална власт ветивме дека за време на овој мандат цената на водата ќе биде намалена за 10 проценти, и ние тоа ветување го исполнуваме“, рече Бочварски.
За намалување на цената на водата во Штип согласност даде Регулаторната комисија која го прифати аргументото барање на ЈП „Исар“.
Од почетокот на 2019 година цената на водата ќе биде намалена за нови пет проценти, со што ветувањето на новата штипска локална власт за намалување на водата за 10 проценти целосно се исполнува
„Направивме избор да ја избереме минималната просечна тарифа понудена од Регулаторната комисија за енергетика со што ќе се одржува рентабилноста на ЈП „Исар“, но ќе се заштити интересот на граѓаните. Па така, во 2018 година цената на метар кубен вода за пиење на домаќинствата и јавните иснтитуции ќе изнесува 33,73 денари, што е за 5 проценти помалку во однос на досегашната тарифа. Во 2019 година предивуваме уште едно петпроцентно намалување со што кубен метар вода ќе чини 31,96 денари“, порача Бочварски.
Во регулираниот период, исто така, цената на водата за пиење ќе биде намалена за 9 проценти за правните лица, па наместо 53 денари за метар кубен вода од почетокот на 2018 година цената ќе изнесува 48,29 денари заклучно со 2020 година.
Инаку, ЈП „Исар“ има евидентирано 46.000 лица кои ја користат водата за пиење (95 проценти од жителите на градот) кои просечно дневно трошат по 103 литри вода. Во 2017 година ова јавно претпријатие на своите корисници им има испорачано 1.734.435 метри кубни вода.