ЈОРДАНОВ: Владата и Ковачевски намерно ја кочат одлуката за издавање на општинска обврзница за реализација на капитални проекти на Општина Штип
Штип, 30.11.2022
Штипскиот градоначалник денес и порача на јавноста дека Владата и премиерот Ковачевски намерно го кочат издавањето општинска обврзница за реализација на капитални проекти во Општина Штип.
На денешната прес конференција Јорданов го рече следново:
-Сакам да ја информирам јавноста за настанатиот проблем кој што Општина Штип го има со премиерот и Владата на Република Македонија и скратеното право за финансирање на одредени капитални проекти кои што требаше да се финансираат преку издавањето на една наменска обврзница. Општина Штип е првата општина која што во изминатите неколку месеци во време на енергетска и финансиска криза одлучи да издаде наменска општинска обврзница се со цел да се реализираат неколку капитални проекти во време на ваква финансиска и енергетска криза, рече Јорданов и додаде:
-Ги проследивме сите потребни одлуки, ги добивме сите потребни согласности од страна на релевантните институции и Министерство за финансии, го вративме долгот кој што претходно општината го имаше кон Министерството за финансии. И она кое што требаше да биде техничка одлука да се проследи на седница на Влада за нас е проблем, затоа што веќе две последователни седници на Влада точката на која што треба да се донесе одлуката за издавање на обврзницата од страна на Владата се отстранува од дневен ред без објективни причини се со цел да се ускрати можноста и правото за развој на општината и изградба на одредени капитални инвестиции.
За првиот граѓанин на Штип се работи за преседан.
-Ова е срам за една држава која се декларира дека се стреми кон европските вредности затоа што сите европски општини издаваат обврзници за развој на истите. Општина Штип по примерот на европските општини одлучи да го направи ова, но дефинитивно имаме политички причини поради кои сме ускратени во правото и во можноста да исфинансираме капитални проекти. Очекувам да преовлада разумот, го повикувам премиерот да на следната седница на Владата ја стави точката за конечно да се издаде општинската обврзница и со тоа да се реализираат предвидените капитални проекти, посочи Јорданов.
Тој оценува дека во спротивно ова ќе значи опструкција и кочење на развојот на општина Штип и казна за граѓаните на општината само затоа што имаат градоначалник и советници кои што се од друга политичка партија, од онаа која што е владината коалиција и премиерот.