Џафери очекува текстот за уставните измени да е готов до почеток на летото, седница да има до септември
Претседателот на Собранието, Талат Џафери очекува предлог-текстот за измените на Уставот на РСМ да се изготви до почетокот на летото, додека дискусијата за утврдените предлог-измени на Уставот очекува да започне на собраниска седница во септември, пишува Радио Слободна Европа на македонски јазик. На тој начин, вели Џафери, евентуалното донесување на уставните измени би можело да се поклопи со рокот во ноември, кога треба да заврши европскиот скрининг.
Парламентарниот спикер вели дека крајните рокови за формирање на текстот на предлог-измените на Уставот, со кои ќе се вметнат Бугарите во Преамбулата може да биде во летните месеци, односно во јуни или јули, по што е потребно да помине најмалку еден месец за неговото усогласување, за веќе во септември да се отвори јавна дебата на собраниска седница.
Џафери додава дека евентуално одржување на предвремени парламентарни избори не може да биде излез од постојната ситуација, бидејќи изборите може само да ги искомплицираат работите и тие нема да го решат проблемот со обезбедување на двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници, за да се усвојат уставните измени.