Штип, 22.01.2021
Фактот дека со децении на ред од градската водоводна мрежа се губи над половина од водата која се испорачува од филтер станицата кон домовите на штипјани и правните субјекти, ЈП „Исар“ денес излезе со драматично соопштение до штипјани.
-Ве известуваме дека ЈП “Исар” започна голема санкција на откривање и исклучување на нелегално приклучени корисници на водоводната мрежа. Ваквите активности се во насока пред се на зголемување на свеста на граѓаните поради самиот факт што со нелегалното приклучување на водоводната мрежа се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и квалитетот на водоснабдувањето за сите корисници кои легално се приклучени и плаќаат сметки за вода, соопштија денес од јавното претпријатие.
Поради тоа ЈП Исар ги повика граѓаните на одговорно однесување, отстранување на дивите приклучоци и истите регуларно да си поднесат барање за приклучок на водоводната мрежа. Акцијата во координација со останатите институции ќе започне веднаш и ќе се спроведува во текот на целиот период се до нормализирање на состојбата и растварување на водоводната мрежа од ваквите нелегални приклучувања од страна на граѓаните.
Има дивоградби во зоната на заштитени води, тие се евидентирани од градежен инспектор и ургентно ќе бидат отстранети.
-Дополнително ја известуваме јавноста дека во насока на заштита на зелените површини и водата за пиење, од страна на градежни инспектори се евидентирани објекти во изградба – дивоградби во зоната на заштитени води и истите ќе бидат отстранети.
Градењето на бесправните објекти во зоната на заштитените води претставува сериозна опасност која доведува до ризик за загадување на водата за пиење и од тие причини екипите се веќе на терен и нема да се дозволи да се загрози безбедноста на водата за пиење и здравјето на граѓаните.