Штип, 13.06.2022
Проф. д-р Дејан Мираковски (51 година) е новиот ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“. Тој денес на гласањето во кое учествуваа 350 професори и 20 студенти доби најмногу гласови и од месец септември ќе го превземе раководењето со Универзитетот во Штип.
Новиот ректор Мираковски е роден на 11 ноември 1971 година во Крива Паланка, каде завршува основно образование, а средно образование завршува во ЦСО “Ацо Русковски” во Берово, со континуиран одличен успех (5.00). Како средношколец е учесник на повеќе натпревари и е добитник на повеќе награди и признанија на републичко и локално ниво.
Својата високо образовна едукација ја започнува на Рударско-геолошкиот Факултет во Штип, на кој дипломира во.1996 година со просечен успех 9.43. Како најдобар студент во генерацијата добитник е на повеќе награди и признанија.
Веднаш по дипломирањето се запишува на постдипломски студии на Рударско геолошкиот факултет во Штип, а испитите ги положува со просечен успех 9.87. На истиот факултет на 12.03.2002 год. ја одбранува магистерската теза под наслов „Мокри и вентилациони методи за отпрашување во рудниците за метали со подземна експлоатација“. На истиот факултет во 2003 година ја пријавува докторската теза под наслов „Анализа, проектирање и оптимизирање на локалните вентилациони системи во рудниците и тунелите“, која со успех ја одбранува во 2008 година, како прв докторант на ФПТН при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Во рамките на своето стручно усовршување реализира 4 месечен студиски претстој во MINETECH Институтот во Јапонија, каде со успех завршува специјалистичка обука на тема – „Технологии за заштита на животната средина во рударството и минералната индустрија“. Дополнително учествува на поголем број специјализирани обуки и тренинзи во Франција, Чешка, Унгарија, Австрија, Бугарија и Словачка, спонзорирани од EU DGЕ, UNEP и UNDP.
Академската кариера ја започнува како помлад асистент на Рударско геолошкиот факултет во Штип. Избран е за Доцент, потоа за Вонреден Професор и за Редовен Професор за научната област „Вентилација и техничка заштита на Факултетот за природни и технички науки“, каде работи како наставник кој е ангажиран на студии од прв, втор и трет циклус и ги покрива наставните дисциплини од областа на вентилацијата, заштита при работа и заштита на животната средина. Во периодот од 2011 до 2015 ја извршува должноста декан на Машинскиот Факултет при УГД, а од Септември 2015 година е избран за проректор за Инвестиции и Развој на УГД, која должност ја извршува во моментот.