Симона Гаџи Поликарп-Џими: Сеуште размислува за нова кандидатура за градоначалник на Штип
Штип, 20.08.2025
Во штипската јавност постои интерес околу имињата на кандидатите кои можат да бидат учесници во изборната трка за градоначалник на регионалниот центар. Најголем интерес сепак постои по прашањето дали Џими Гаџи Поликарп, познат во нашата јавност како „Џими Црнецот“ кој има Македонско но и државјанство на неговата родна Нигерија, земја со над 130 милиони жители, одново ќе поднесе кандидатура за најпрестижната градска функција.
-Во моментов не можам да ви дадам сосема јасен одговор по однос на ова политичко прашање иако на тоа се работи. Знаете дека имав една кандидатура за оваа функција како кандидат на партијата Интегра, од таа партија на неколку пати ме бараа но јас не одговорив на нивните пораки зашто сум во фаза на размислување, ни рече Симон и додава:.
-Се ќе зависи од тоа дали партијата ќе обезбеди логистика, членство, народ кој ќе застане зад мојата кандидатура. Ако немаш „војска“ зад себе подобро е да не одиш во таква авантура. Не знам, сеуште сум во фаза на размислување по однос на ова прашање. Знам само едно, како што говорев јавно и при претходната моја кандидатура, ако не сметам дека нема да можам со успех да го водам градот и општината нема воопшто да се кандидирам. Но, пак ќе речам, кај нас, во Македонија, а тоа е така насекаде и во светот, без сериозна логистика немаш никакви шанси за победа.
Симон сепак остава некој процент на можност штипската и македонска јавност да го види меѓу кандидатите, зашто на таква можност инсистирале од партијата Интегра. Но, нашиот соговорник посака да каже нешто за една наша загрижувачка состојба:
-Работам хуманитарна работа преку една моја фондација, на месечно ниво посетувам по околу триесеттина населени места главно во Источниот регион, и сум многу загрижен за иднината на Македонија зашто секоја година во тие места гледам се помалку народ. Toa e така во 90 проценти од селата и градовите во кои сум присутен на дневна основа, па се прашувам кој тоа ќе излезе на изборите во овој октомври или на некои наредни избори, ни рече Симон.