Во чест на јубилејот, 75 години од основањето на Друштвото на филмски работници од денеска во Кинотека ќе се одржи филмска ревија на македонски филмови. Вечерва програмата ќе биде отворена со „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, а во деновите што следуваат публиката ќе има можност да ја проследи јубилејната филмска ревија од избрани македонски филмови кои оставиле длабока трага во нашата кинематографија.
Утре ќе може да се погледнат „Денес треба нешто да се случи“ (1978) и „Ругање со Христос“ (2018), во петок „Северен пол“ (2012) и „Соба со пијано“, на 10 септември на програма се „Види ја ти неа“ (2017) и „Домаќинство за почетници“ (2023), а на 12 септември „Вирово“ (1968) документарен филм и „Сестри“ (2021).
„Јубилејната филмска ревија претставува потсетување на 75 години активна работа на Друштвото на филмски работници на Македонија и истовремено почит кон сите генерации визионери, филмски автори, актери, филмски работници и соработници кои низ сите овие години ја граделе и сѐ уште ја градат македонската кинематографија. Ревијата отвора простор за средби, дијалози и нови идеи за иднината на седмата уметност во нашата држава. Во време кога вниманието е фрагментирано, јубилејната ревија нѐ потсетува дека добриот филм останува моќна сила, да нѐ трогне, инспирира и обедини“, вели Игор Иванов – Изи, претседател на ДФРМ.
Сите проекции се бесплатни.