Во слава на поетот Игор Исаковски (1970-2014), на 55-годишнината од неговото раѓање, издавачката куќа „Или-Или“ организираше промоција на книга со негова собрана поезија „Совршен поет“.
Промоцијата се одржа во петок 19 септември во скопската кафе-книжарница „Буква“, во присуство на соработници, пријатели и дел од семејството на Исаковски, при што просторот беше претесен да ги собере бројните љубители на неговото дело, од кои дел стоеја на паркингот.
Во настанот говореше уредничката на книгата Елизабета Баковска која објасни дека оваа збирка од 700 страници ги обединува содржините од сите претходно објавени печатени поетски книги на Исаковски, следејќи го „хронолошки неговиот пат“. Освен печатените дела, вклучени се и песните од збирката „Небо“ која во 1996 година беше објавена електронски, како првата е-книга во Македонија, што според Баковска е показател на неговото визионерство.
Главниот и одговорен уредник на „Или-или“ Ненад Стевовиќ додаде дека претходните изданија на делата на Исаковски се распродадени и веќе не се достапни во книжарниците, така што ова издание им дава „нов дом, дом кој сите сега почесто ќе може да го посетуваме“.
Освен како поет и писател, Исаковски беше и основач, издавач и уредник на „Блесок – литература и други уметности“, првото европско интернет списание за култура и уметност кое од 1998 година излегува на македонски и англиски јазик, како и на други европски јазици, во согласност со неговите начела за значењето и на оригиналните дела и на преводите.
На промоцијата младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Ивана Јовановска, како и поетот, колумнист и преведувач Тихомир Јанчовски читаа песни од Игор Исаковски, а поетот Јовица Ивановски прочита и две сопствени песни посветени на Игор.

Во сеќавањата на сите говорници провејуваше истакнување на уметничкиот и човечки интегритет на Исаковски, кој и преку својата поезија и во односите со луѓето во прв ред беше искрен и бескомпромисен и на лично ниво, противник на лицемерието и релативизациите. Таквиот однос се одразува и во неговата поезија, која често преку метафори ги опфаќа најсветлите и најтемните страни на современоста, од скопскиот ноќен живот до најинтимните чувства од љубов до бес.
Тој ќе биде запаметен и како поврзувач, човек кој создаваше врски меѓу луѓето кои понатаму доведуваа до плодни нови ангажмани. Како издавач овозможуваше осознавање и нова видливост и на нови и на етаблирани автори, секогаш водејќи се од критериумите за висок квалитет.
Беше прикажан и документарниот филм „Брод тргнат кон немерливото“ во режија на Сашо Димоски, со сведоштва за значењето на поезијата на Игор Исаковски. Димоски е автор на фотографиите објавени во книгата.
„Епитетот “совршен” достојно може да го носи само поет кој бескомпромисно ја опева својата, нашата, човечката несовршеност. Ретки се таквите поети, но сигурно е дека Игор е еден од нив,“ има изјавено поетот, раскажувач и професор по книжевност Владимир Мартиновски во пресрет на промоцијата.
Како што истакнува и литературна критичарка и теоретичарка, професорката Елизабета Шелева во поговорот на книгата, многуте постигнувања во неговиот „интензивен, плоден и сестрано ангажиран живот“ се резултат на неговиот личен ангажман, комбинација на талент и неуморен труд, „без помош од ниедна политичка партија, моќен спонзор, влијателно или богато семејство“.

Шелева додава и дека „иронија на судбината е тоа што поголем број критички одгласи и анализи на делото на Исаковски има надвор, во странство, отколку во нашата книжевна средина, која најдобро го познаваше и во која до последниот ден самопрегорно дејствуваше“.