Воздухот над Трубарево се расчистува, ќе се чекаат податоци дали е загадена почвата

Министерот за животна средина Изет Меџити денеска изјави дека воздухот во Трубарево, по големиот пожар во компанијата за пластичен и електронски отпад, е чист. Тој информира дека се очекуваат и нови резултати од испитувањата на почвата, за кои Институтот за јавно здравје потврди дека на една локација каде што гореа литиумски батерии има зголемени вредности на бакар и цинк.

„Ги прикажавме резултатите во деновите кога беа покачени. Веднаш откако се стабилизира состојбата со огнот се стабилизираше и состојбата со воздухот. Сега работиме на испитување на почвата. Во текот на денот ги чекаме испитувањата од Универзитетот „Гоце Делчев“ и јавноста ќе биде известена“, рече Меџити.

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во периодот од 14 до 18 септември, резултатите од мерењета на просечните концентрации на ПМ10 се движат од 36 до 44 микрограми на кубен метар и се во рамките на дозволената 24-часовна гранична вредност од 50 микрограми.

Испитувањата на лабораторијата АМБИКОН, на УГД на две мерни места на 50 метри од пожарот и на 150 метри од пожарот, во дворот на основното училиште на селото, покажале дека материите содржани во честичките како натриум, магнезиум, железо, цинк, олово и други се во рамки на нормалните вредности за урбани средини.

Министерството пред три дена соопшти дека вредностите на ПМ10 на 13 и 14 септември биле 92,65 микрограми, на оловото 0,75 µg/m³, каде максималната вредност е 0,5 µg/m³, на кадмиумот 59,1 ng/m³ или десетпати над граничната вредност од 5 ng/m³, на арсенот од 8,9 ng/m³, каде граничната вредност е 6 ng/m³ и на никелот со вредности од 6,4 ng/m³, кој во дозволени граници треба да е под 20 ng/m³.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press