ЕК: Имплементацијата на реформите во администрацијата оди бавно, потребна е подобра координација и кадар
Иако Северна Македонија има поставено стратешка рамка за реформа на јавната администрација, реализацијата на предвидените мерки напредува со ограничена динамика. Стратегијата за јавна администрација 2023-2030 е квалитетно подготвена и опфатна, но имплементацијата сè уште бара значително подобрување, особено во делот на техничката поддршка и меѓуинституционалната координација, нотирано е во извештајот од Европската комисија за напредокот на земјава кон ЕУ, кој се однесува на реформата во јавната администрација.
Како што се наведува, Министерството за јавна администрација го објави редовниот извештај за спроведување на реформите во 2024 година, а Советот за реформа на јавната администрација повторно почна со работа.
„Сепак, координацијата со Министерството за финансии е оценета како слаба, што влијае врз темпото на реформи. Покрај тоа, реорганизацијата и недостигот на квалификуван кадар ги намалија капацитетите на институциите да ги спроведуваат активностите на оперативно ниво. Потребни се дополнителни вложувања во стручни ресурси и подобрено меѓуинституционално усогласување“, наведено е во документот.
Само една третина од реформите реално се финансирани
Иако постојат детални стратегии и акциски планови, државниот буџет финансира само околу една третина од мерките чии трошоци се пресметани во програмите. Квалитетот на финансиското планирање за реформите е оценет како недоволен, што дополнително го забавува процесот.
„Во делот на развој и координација на политики, институциите сè уште се соочуваат со нејасни надлежности и сложени линии на отчетност. Иако постои нова методологија за изработка на секторски стратегии, таа не се применува во целост. Во 2024 година над 60% од законите биле усвоени по скратена постапка, што го намалува просторот за јавни консултации и демократска дебата. Владините годишни планови и извештаи и понатаму не се достапни за јавноста, а дневните редови и записниците од владините седници се објавуваат со доцнење“, стои во извешт
Доцнат реформите во управувањето со јавните финансии
Системот за управување со јавните финансии е воспоставен, но реализацијата на реформите е спора. Програмата за реформа на јавните финансии 2022-2025 има низок степен на имплементација, поради што е усвоена нова програма за периодот 2025-2028. Стапувањето во сила на Законот за органскиот буџет е одложено за јануари 2026. Иако беа усвоени 17 подзаконски акти, целосната примена на законот е неизвесна поради доцнења и нерешено воведување на Интегрираниот информациски систем за управување со јавните финансии (IFMIS).
И покрај зголеменото објавување податоци за приходите и расходите на државните институции, Северна Македонија има низок резултат од 35 поени во најновото глобално истражување за отвореност на буџетот, што е под светскиот просек. Слабите административни капацитети доведуваат и до недоволна искористеност на средствата, со што дел од веќе одобрените фондови се враќаат. Ризикот од дополнителни враќања останува висок, што претставува сериозен предизвик за продолжување на реформите.
