
Јавните претпријатија на Градот Скопје се руинирани и целосно нефункционални, а злоупотребите во нивното работење биле тема на разговор со Финансиската полиција, изјави вчера градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во интервју за МРТ. Тој посочи дека најаларматна е состојбата во Комунална хигиена, како и во ЈСП Скопје.
Новиот градоначалник, уште првиот ден кога ја презема функцијата најави дека се отпуштени над 370 лица од градските јавни претпријатија бидејќи не доаѓале на работа или ја злоупотребиле положбата, а следните денови објави дека бројката пораснала на 500. Во меѓувреме државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го повика Ѓорѓиевски да ги пријави злоупотребите и да достави докази за нив.
„Градоначалникот, доколку има докази и е надлежен, може да пријави на надлежните органи, во МВР или да ги достави документите во Јавното обвинителство. Обвинителството и досега така постапувало, што значи дека доколку има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Ѓорѓиевски вели дека вработените кои се отстранети од работа земале плата без да доаѓаат на работа. Тие нема да бидат заменети со нови бидејќи не биле ангажирани на реални работни задачи, туку само ја злоупотребувале институцијата.
„Градот губи по пет милиони евра годишно, што за четири години изнесува околу 20 милиони евра, колку што чини новиот Луна Парк, чија изградба ја чекаат генерации на скопјани“, рече Ѓорѓиевски и нагласи дека ќе бара не само индивидуална, туку и командна одговорност, да одговараат и оние кои ги потпишувале исплатите на платите за сите што не доаѓале на работа.
