Maкедонска Каменица, 14.11.2025
Рудник САСА, дел од меѓународната рударска компанија Central Asia Metals (CAML) со седиште во Лондон, Велика Британија, започна со реализација на планот „Подготвени за иднината“ – неопходен чекор за повторно воспоставување на профитабилноста и обезбедување долгорочна стабилност на рудникот.
Во изминатиот период, Рудник САСА се соочуваше со комбинација од зголемени трошоци, сложени геолошки услови и намалени нивоа на производство, што резултираше со финансиски загуби. Внатрешните и надворешните анализи потврдуваат дека, во периодот од 2019 до 2025 година, бројот на вработени во САСА е зголемен за 11%, додека производството на руда е намалено за 7%, а производството на метален концентрат за 14%. Овие показатели ја потврдуваат потребата од подобра усогласеност на организациската структура со реалните производствени и пазарни услови.
„Планот ‘Подготвени за иднината’ е тешка, но неопходна иницијатива со која сакаме да го вратиме рудникот САСА во профитабилна состојба на краток рок и да ја обезбедиме неговата стабилност и одржливост на долг рок, со што се штити и иднината на нашата работна сила. Преку зголемување на ефикасноста и подобрување на процесите, можеме да ја зајакнеме продуктивноста и да ја обезбедиме иднината на рудникот. Останатите алтернативи би имале далеку посериозни последици за нашите вработени и за локалната заедница“, изјави Џејмс Караматич, генерален директор на Рудник САСА.
Тој додаде дека планот ќе се спроведе одговорно, транспарентно и со целосна почит кон сите вработени.
Планот е дел од пошироките напори на САСА и CAML за зајакнување на оперативната и финансиска отпорност на рудникот. Покрај оперативните подобрувања, ова вклучуваше и детална ревизија на сите трошоци во целокупното работење, вклучително и на бројот на вработени.
„На вработените им беше понудена можност за спогодбени договори со, според наше уверување, исклучително поволен финансиски пакет“, истакна Караматич, нагласувајќи дека планот се спроведува во рамки на социјалниот дијалог што во континуитет се одвива со двата синдикати кои се активни во САСА.
Главниот извршен директор на CAML, Гавин Ферар, истакна дека Рудник САСА останува еден од најзначајните економски субјекти во Северна Македонија и посветен партнер на локалната заедница. „Со овој план ја зацврстуваме неговата способност да продолжи да инвестира, да создава вредност и да обезбедува стабилни работни места“, изјави Ферар.
Од влезот на CAML во 2017 година, во Рудник САСА се инвестирани над 80 милиони американски долари во модернизација, нови технологии, безбедност, подобрување на условите за работа и развој на човечкиот капитал. Само во последните три и пол години реализирани се капитални проекти во вредност од 47 милиони долари, кои овозможија воведување нови современи рударски методи, продолжување на животниот век на рудникот и значително намалување на еколошкиот отпечаток согласно меѓународните стандарди.
Во периодот 2017–2024 година, САСА има уплатено 95,5 милиони долари даноци и давачки во државниот и локалниот буџет и вложила над 2,4 милиони долари во локалната заедница преку реализација на проекти во областа на образованието, здравството, животната средина, спотот, ранливите социјални групи и локалниот економски развој.
Со спроведувањето на планот „Подготвени за иднината“, САСА поставува стабилна основа за својата следна фаза на развој и трансформација кон модерен, одговорен и одржлив рудник, подготвен за иднината.
