Во натпревар од 20. коло во Првата македонска фудбалска лига, Арсими во Гостивар е домаќин на Македонија ЃП. Арсими по победата во соочувањето со Шкупи очекува освојување на нови три бода и тоа во дуел со противник кој е директен конкурент во трката опстанок во елитата.
Во пресрет на натпреварот фудбалерот на гостиварци, Џезаир Авдули, истакна дека по убедливата победа од 3:0 против Шкупи, атмосферата во екипата е на високо ниво.
“По оваа важна победа, атмосферата во тимот е многу позитивна, а мотивацијата е на највисоко ниво. Работевме добро во текот на целата недела, со максимална концентрација и дисциплина, бидејќи знаеме дека не очекува квалитетен противник. Сакаме да ја продолжиме позитивната серија, да покажеме карактер и да го дадеме максимумот на теренот. Целта ни е јасна, да ги освоиме трите бода и да продолжиме по патот кон целите што ги имаме поставено како екипа. Со посветеност, заедништво и поддршката од нашите навивачи, верувам дека можеме да го оствариме посакуваниот резултат”, заклучи Авдули.
