МНТ со нов театарски бран: Внимателно курирана програма со премиери, меѓународни гостувања и отворена сцена за млади

На денешната прес-конференција, Македонскиот народен театар ја претстави годишната програма за 2026 година, која опфаќа нови премиери, меѓународни гостувања, копродукции и активности насочени кон поддршка на младите автори и независната сцена. Во однос на минатата година, буџетот за МНТ е зголемен за 56 проценти.

Директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна дека театарот во новата сезона влегува со „силна, интензивна и внимателно курирана програма“, со премиери што отвораат актуелни општествени прашања, нови копродукциски соработки и гостувања кои го позиционираат МНТ како активен регионален и европски културен чинител.

„Создаваме репертоар кој комуницира со времето во кое живееме, а истовремено самоуверено ја носи традицијата напред. Особено важно за нас е што отвораме простор за младите актери, новите режисерски имиња и независните продукции, затоа што МНТ треба да биде платформа и поддршка за новата генерација автори“, изјави Кимовски.

Во МНТ веќе се одвиваат пробите за претставата „Страв и надеж“ од Франц Ксавер Крец, во режија на трофејната белградска режисерка Татјана Мандиќ Ригонат. Во претставата играат Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Во текот на 2026 година на сцените на МНТ ќе бидат поставени и следните претстави: „Три сестри“ од Чехов, во адаптација на Ана Ристоска и во режија на Нела Витошевиќ, „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски, во копродукција со „Сектор филм“ и „Козата или која е Силвија?“ по мотиви од Едвард Олби, во адаптација и режија на Шенај Мандак.

Во рамки на меѓународната програма, ансамблот на МНТ ќе гостува на повеќе сцени и фестивали во регионот. Претставите „Мој термин“ во режија на Синиша Евтимов и „Варвари“ во режија на Владимир Милчин ќе бидат изведени на сцената на Словенечкото народно гледалиште во Марибор. Со претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов, МНТ ќе гостува во Дубровник. Претставата „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов ќе биде дел од програмата на Меѓународниот театарски фестивал „Црно море“ во Варна. Во април, претставата „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин ќе биде изведена на фестивалот „5-ре“(ПЕТРЕ) во Велес.

Во рамки на одбележувањето на 81 година од постоењето на МНТ, во март и април ќе се реализира посебна роденденска програма со гостувања на регионални и меѓународни уметници. Програмата започнува на 30 март со стенд-ап шоуто „Шоубиз“ на познатиот актер Никола Ѓуричко.

На 1 април, на сцената на МНТ ќе гостува Словенечкото народно гледалиште Марибор со претставата „Амадеус“ во режија на Александар Поповски. На 3 април, СНГ Марибор ќе ја изведе монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“, инспирирана од романот „Маријиниот завет“, како омаж на режисерот Томаж Пандур. Роденденската програма ќе биде заокружена на 4 април со претставата „Другата страна“, продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press