Над 500 велосипедисти на денес ќе возат тура низ Кочани во чест на жртвите од трагедијата во „Пулс“

Во Кочани денеска ќе се одржи велосипедска тура во чест на загинатите и повредените во трагедијата во „Пулс“, на која се очекува учество на повеќе од 500 велосипедисти и рекреативци од Кочани и од други градови низ државата.

Турата ќе започне во 10:30 часот од Паркот на Револуцијата, по што учесниците ќе се движат по рутата низ Оризари, Прибачево, Грдовци, Мојанци и Подлог, а ќе поминат и покрај местото на трагичниот настан – „Пулс“. По завршувањето на рутата, велосипедистите повторно ќе се вратат во Паркот на Револуцијата.

Организаторите велат дека целта на настанот е да се оддаде почит кон жртвите и да се испрати порака на солидарност и сеќавање, но и поддршка за повредените и нивните семејства.

Пред почетокот на велосипедската тура, присутните ќе ги поздрави градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, а настанот е дел од повеќедневната програма за одбележување на годишнината од трагичниот пожар.

Со оваа симболична тура, граѓаните на Кочани и учесниците од целата држава сакаат да покажат дека жртвите не се заборавени, а споменот за трагедијата останува силен во заедницата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press