Утре со почеток во 11 часот, во просториите на Македонски народен театар во Скопје ќе се одржи комеморативен собир во чест на актерот Кирил Поп Христов – Кили, каде најблиските, колегите и љубителите на театарската уметност ќе имаат можност достоинствено да се простат од него и да му оддадат последна почит.
Од театарот истакнуваат дека Поп Христов зад себе остава силно уметничко наследство, обележано со исклучителна сценска енергија, топлина и автентичен актерски израз. Неговата непосредност, духовитост и човечност го направија не само впечатлив уметник, туку и ценет колега кој несебично ја споделуваше страста кон театарот.
Кили почина на 11 март во Еквадор, на 58-годишна возраст. Роден на 30 јули 1967 година во Скопје, своето образование го стекнал на Факултетот за драмски уметности при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, каде дипломирал актерска игра во класата на професорот Љубиша Георгиевски во 1989 година.
Професионалниот пат го врзува за сцената на МНТ, каде работел од 1993 до 2014 година, а по неколку години пауза, во 2018 повторно се враќа на истата сцена. Со својот препознатлив шарм и талент, Поп Христов остави длабока и трајна трага во македонската театарска и филмска уметност.
