Мицкоски: Транзицијата остави трага во колективната меморија и ги поттикна младите на иселување

Во гостувањето во „Македонија наутро“ на МРТ, премиерот Христијан Мицкоски упати силна порака до младите: и покрај разочарувањата и тежината на минатото, вистинската борба треба да се води дома.

„Во периодот на транзиција, многумина го почувствуваа сиромаштијата, додека малкумина станаа екстремно богати. Токму тоа создаде големо разочарување и ја поттикна емиграцијата“, рече Мицкоски. Тој потсети дека независноста на државата била резултат на пожртвуваноста на генерации кои дел од својот пат го платиле со затвор или дури со живот, носејќи промакедонски идеи кои оставиле трага во колективната меморија и идентитетот.

Премиерот објасни дека транзицијата донела драстични промени, општествениот капитал преминал во приватни раце, а многумина кои порано биле еднакви, за една ноќ се нашле во нерамноправна позиција. „Многу родители го изгубија својот егзистенцијален столб, со разочарување и неизвесност гледаа кон иднината, советувајќи ги децата да бараат среќа надвор од земјата“, рече Мицкоски.

Новите генерации, посочи тој, се соочувале со свои предизвици, но често се воделе од лични интереси на политичките лидери, што дополнително ги разочарало младите. „Овој мозаик од историски и социјални искуства е врежан во колективната свест. Некои избрале да заминат, некои останале, а некои се враќаат дома. Но реалноста надвор од Македонија не е лесна, младите често се соочуваат со тоа дека не стануваат успешни преку ноќ“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски подвлече дека воспоставувањето на чувство на припадност и почитување на македонските вредности е клучно за иднината: „Ние сме една од најмалкубројните нации во Европа. Ако не ги почитуваме своите вредности, следните генерации може да се соочат со сериозни предизвици за опстанок“.

Во завршницата од разговорот, премиерот истакна дека Владата активно работи на целосна стратегија за младите, која не само што ги охрабрува да останат, туку ја поддржува и формирањето семејства и родителството, нагласувајќи дека младите се приоритет број еден во државната политика.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press