Македонскиот КИЦ во Белград, во соработка со СОКОМ и Балкан Музик Форум, вечерва во 19 часот, ќе биде домаќин и организатор на концерт на гудачкиот квартет „Атака“. Овој музички проект, поддржан од Министерството за култура и туризам, пред белградската публика ќе го претстават Васко Шутаров од име на КИЦ Белград и Дејан Мојсовски од име на СОКОМ. На програмата ќе бидат изведени дела од македонските автори Стефан Гајдов, Драган Шуплевски, Ана Пандевска и Гоце Гавриловски.
Гудачкиот квартет „Атака“ е формиран во 2022 година и за краток период се наметна како еден од најактивните млади камерни ансамбли на домашната сцена. Составот го сочинуваат Ева Богоевска и Марија Трајковска (виолини), Илза Бафтиари (виола) и Маја Михајловска (виолончело) – музичарки со веќе значајно искуство како солистки и како членки на различни оркестри и камерни состави, со образование стекнато под менторство на реномирани професори во земјата и странство.
Од своето основање, квартетот „Атака“ развива јасна програмска ориентација кон современото македонско творештво. Нивните настапи на фестивалот „Денови на македонска музика“ ги истакнуваат како сигурни интерпретатори на камерните дела на македонски композитори од повеќе генерации – од Драгослав Ортаков и Ристо Аврамовски до Јана Андреевска, Валентина Велковска Трајановска и Филип Иванов. Со ваквата активност квартетот се профилира како значаен промотор и афирматор на националниот камерно-музички репертоар.
Нивниот музички израз е оценет како технички прецизен, стилски автентичен и внимателно избалансиран. Критиката посочува дека ансамблот создава јасен звучен идентитет и убедливи интерпретации, со што овој млад состав веќе зазема значајно место во актуелниот концертен живот.
