Франција се соочува со голем скандал со злоупотреба на деца, под истрага вработени во државни градинки и училишта
Париската полиција истражува повеќе од 100 наводи за малтретирање, физичко насилство и силување на деца на возраст од само три години од страна на училишни надзорници за време на ручек, попладневен одмор и активности по наставата, потврдија обвинителите, пренесува „Гардијан“.
„Имаме истраги кои се во тек во 84 предучилишни установи, околу 20 основни училишта и околу 10 дневни центри“, изјави главната обвинителка на Париз, Лор Бекуо.
Адвокатите велат дека истрагите вклучуваат наводно силување на деца на возраст од три и четири години.
Групи родители изјавија дека со години се бореле обвинувањата да бидат сфатени сериозно. Тие велат дека пропустите во процесот на вработување и проверка на вработените дозволиле злоупотребите да продолжат.
„Ова е огромен скандал. Државниот образовен систем е извор на гордост во оваа земја, но за жал, денес во Франција не може да се каже дека јавната служба ја гарантира безбедноста на децата“, рече Флоријан Ластел, адвокат на три семејства од Париз кои поднеле полициски пријави поради наводната злоупотреба на нивните деца.
Училишните надзорници се возрасни лица задолжени за децата за време на ручек, одмор, попладневно спиење и активности по наставата, а понекогаш поминуваат повеќе време со децата отколку наставниците. Тие не се вработени директно од училиштата или Министерството за образование, туку ги ангажираат градските власти или локалните самоуправи, најчесто без обука или професионални квалификации и сè почесто на привремена основа, при што многумина се платени по час.
Во Франција, градинката е задолжителна од тригодишна возраст, а училишните надзорници се клучно секојдневно присуство за децата на возраст од три до 11 години.
Обвинувањата против училишни надзорници пријавени од родители ширум Франција вклучуваат: викање по деца, туркање, влечење за коса, лишување од храна, присилување да јадат додека не повратат, како и сексуален напад или силување.
