Американскиот производител на чипови Енвидија во понеделникот претстави нов процесор кој овозможува функциите на вештачката интелигенција директно да работат на лаптопи и десктоп компјутери, пренесува Ројтерс.
Испораката на новиот чип е планирана за есенва, а експертите оценуваат дека тој би можел значително да го промени начинот на кој корисниците ја користат вештачката интелигенција.
Извршниот директор на Енвидија, Џенсен Венг, кој престојува во Тајван по повод технолошката конференција Компјутекс, изјави дека чипот RTX Spark е дел од заедничките напори на Енвидија и Мајкрософт за „реобмислување на персоналниот компјутер“ во ерата на вештачката интелигенција, по тригодишна соработка меѓу двете компании.
Чипот е дизајниран да овозможи агентите со вештачка интелигенција да работат локално на уредот, наместо целосно да зависат од системите за работа во облак (cloud computing).
„RTX Spark има потенцијал да го трансформира традиционалниот компјутер, кој е насочен кон апликации, во навистина корисен персонален компјутер со вградена вештачка интелигенција. Таквите приватни агенти со вештачка интелигенција во наредните години би можеле да станат дел од секое домаќинство“, изјави Нил Шах, коосновач на истражувачката компанија Counterpoint Research.
Новиот чип, заедно со процесорот Вера, покажува дека Енвидија сè повеќе се насочува кон развој на процесори за персонални компјутери. Во своето обраќање, Венг значителен дел посвети токму на RTX Spark и процесорот Вера.
Вера е наменет за работа со агенти со ВИ, а меѓу првите компании што ќе го користат се Опен-Еај, Антропик и Спејс Икс.
Венг изјави дека новите процесори ѝ отвораат на Енвидија пристап до пазар вреден околу 200 милијарди долари.
„Ова ќе биде нашиот нов главен двигател на растот“, рече тој, претставувајќи ги најновите производи на компанијата поврзани со вештачката интелигенција и нагласувајќи ја клучната улога на Тајван во глобалната технолошка индустрија.
Тој ги отфрли како „целосна бесмислица“ тврдењата дека вештачката интелигенција ќе ја намали потребата од софтверски инженери. Напротив, според него, технологијата ќе поттикне нови вработувања бидејќи ќе ја зголеми продуктивноста на работниците.
„Бројот на инженери и софтверски инженери всушност расте. Луѓето зборуваат дека вештачката интелигенција ќе ги намали работните места, тоа е целосна бесмислица. Таа придонесува за вработување на повеќе софтверски инженери“, изјави Венг.
Венг, кој е роден во тајванскиот град Тaјнан, минатата недела најави дека ќе инвестира околу 150 милијарди долари годишно во Тајван, нарекувајќи го островот „епицентар на револуцијата на вештачката интелигенција“.
Неговото обраќање во Тајпеј се одржа околу две недели по посетата на Пекинг, каде што заедно со американскиот претседател Доналд Трамп и делегација на водечки бизнисмени се сретна со кинескиот лидер Си Жипинг.
Годинешното издание на саемот Компјутекс ќе се одржи од 2 до 5 јуни во Тајпеј.
