Попладнево поројни врнежи, грмежи и силен ветер

Попладнево на повеќе места во земјава се очекуваат поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер, најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Локално е можна и појава на поинтензивни временски процеси.

Претпладне времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а во текот на денот ќе се создадат услови за нестабилност. Ќе дува умерен до силен ветер од западен правец, кој во западните делови повремено ќе достигнува брзина над 60 километри на час.

Утринските температури ќе се движат од 9 до 14 степени, додека максималните дневни ќе бидат меѓу 24 и 32 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе има променливо облачно време со сончеви периоди, а во попладневните часови во одделни делови од котлината се очекува краткотраен пороен дожд проследен со грмежи. Температурата ќе достигне до 30 степени.

Од УХМР информираат дека нестабилното време ќе продолжи и во наредните денови. До крајот на неделата во попладневните часови на повеќе места ќе има дожд, грмежи и засилен ветер, а најголеми услови за поинтензивни невремиња со обилни врнежи и можна појава на град се очекуваат во четврток и сабота.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press