Македонија и понатаму е под влијание на топол воздушен бран, а според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), и во наредните денови ќе преовладува сончево и многу топло време со високи дневни температури.
За денеска се прогнозира сончево време со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен ветер, претежно од источен правец. Утринските температури ќе се движат од 13 до 20 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 35 до 38 степени Целзиусови.
Во Скопје времето ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура во главниот град ќе достигне до 38 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица ќе се задржи сончево и екстремно топло време. Дневните температури насекаде ќе бидат над 30 степени, а на одделни места ќе достигнат и до 39 степени. Високите температури ќе се задржат и во текот на ноќните часови, што дополнително ќе го зголеми чувството на топлина.
Промена на временските услови се очекува од среда, кога се прогнозира благо намалување на дневните температури. Според најавите, ќе има локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Надлежните препорачуваат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да ги почитуваат препораките за заштита од високите температури, особено повозрасните лица, хронично болните и децата.
