Германската владина коалиција ја потврди намерата да ја ограничи таканаречената Регулатива за Западен Балкан, објави Дојче Веле. Таа досега им овозможуваше на работници од земјите од Западен Балкан кои не се членки на Европската Унија полесно да дојдат на работа во Германија.
Регулативата за Западен Балкан досега им овозможуваше на 50.000 лица годишно од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија да дојдат во Германија на работа. Сега оваа горна граница, од почетокот на 2027 година треба да се намали на 25.000 лица годишно.
Нема промени во останатите услови: заинтересираните и понатаму ќе треба само да поседуваат понуда за работа, без дополнителни барања во однос на видот на професијата или квалификациите.
За имигрантите од други држави надвор од ЕУ, пак, покрај понудата за работа се бара и признаена квалификација или релевантно работно искуство. Во последните години, преку таканаречената „Карта на можности“ и со исполнување на одредени услови, како познавање јазик, можно е и доселување без претходно обезбедено работно место.
Регулативата за Западен Балкан беше воведена во 2016 година како одговор на големиот број граѓани од Балканот кои поднесуваа азилантски барања во Германија со мали шанси за успех, создавајќи дополнителен товар за институциите.
